Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

AFP, Agerpres, ANSA, APA, EFE, STA

Според едно истражување во 2023 година, 46 отсто од населението во ЕУ во текот на последните дванаесет месеци имале емоционални или психосоцијални проблеми – на пример, чувство на депресија или анксиозност. Додека, третина (33 отсто) од испитаниците се согласиле дека луѓето со лошо ментално здравје добиваат иста грижа како тие со физички проблеми. 

Пред Светскиот ден на менталното здравје, каде главен фокус беше менталното здравје и работното место, еврокомесарката за здравство Стела Кириjакидес, повика да се отфрли стигмата околу менталното здравје, која е сè уште е премногу честа во Европа и општеството. 

Таа додаде дека многу често, луѓето со нарушено ментално здравје се соочуваат со недоразбирање, отфрлање и изолација и дека – решавање на овој проблем е клучен за градење поздрави и поинклузивни општества. 

– Менталното здравје е важно во секој контекст, особено на работното место каде луѓето најмногу го поминуваат нивното време, рече Кириjакидес. 

Европската комисија најави нова кампања насловена „Сите заедно“ – за подигање свест за постоечката стигма и да се справи со дискриминацијата за и околу прашањата за менталното здравје, паралелно со целта сите Европејци да имаат пристап до третмани, без разлика на местото на потекло, годините или економскиот статус. 

За време на Светскиот ден на менталното здравје, потпретседателот на ЕК, Маргаритис Шинас нагласи дека Брисел покрена дваесет иницијативи во текот на претходниот законодавен дом за борба против „тивката епидемија“ и „помош за оние кои страдаат.“ 

Минатиот јуни, Европската комисија најави 1,23 милијарда евра помош за земјите-членки за подобрување на менталното здравје на нивните жители. 

Менталното здравје влијае врз сите 

Светската здравствена организација (СЗО) го опишува менталното здравје како состојба на ментална благосостојба која им овозможува на луѓето да се справат со стресот во животот, да ги сознаат своите можности, да учат и добро да работат и да придонесуваат кон своите заедници. 

Менталното здравје за време на Ковид-19 пандемијата значително се влоши, особено помеѓу ранливите групи како што се децата и младите, старите лица и луѓето со постоечки ментално здравствени проблеми. 

Сепак, пред пандемијата секој шести жител на Европската Унија се соочувал со нарушено ментално здравје. 

Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД) процени дека „лошото ментално здравје“ ги чини 27-те земји членки на ЕУ и Обединетото Кралство речиси 600 милијарди евра или повеќе од 4 отсто од БДП – што се однесува и на директните трошоци за третмани, како и на индиректните трошоци поврзани со пониската стапка на вработеност и намалената продуктивност. 

Според Европската агенција за безбедност и здравје при работа, 27 проценти од граѓаните на ЕУ велат дека страдаат од стрес, депресија или анксиозност на работното место. 

Тука, исто така, се вклучуваат проблемите со климатските промени кои предизвикуваат високи нивоа на анксиозност и стрес кај децата и младите, особено руската војна во Украина, повисоките трошоци за живот, невработеноста, зголемената дигитализација исто така негативно влијаат врз менталното здравје. 

Според Европската комисија, постои нееднаква распределба на проблемите со менталното здравје помеѓу групите од населението, со тоа што депресијата е многу поизразена кај жените и групите со ниски приходи и ниво на едукација. 

Комесарот за ментално здравје при шпанското Министерство за здравство, Белен Гонзалез, потсети дека во Шпанија користењето на антидепресиви се зголемило за 250 отсто во однос на првата деценија на овој век. Овој тип на лекови им се препишуваат на луѓето со ниски примања дури седум пати повеќе од оние со високи приходи. 

Преваленцијата на менталните нарушувања е на пат да ја надмине таа на кардиоваскуларните болести, според Италијанското друштво за психијатрија, кое соопшти и дека депресијата и другите ментални патологии ќе бидат најраспространети во светот дури и пред 2030 година. 

Во минатото, СЗО предвидуваше дека до 2030 година депресијата ќе биде водечка причина за болести во светот. 

Предолго игнориран 

Менталното здравје е едно од најигнорираните сфери во јавното здравје и добива малку внимание и потребни ресурси, смета СЗО. 

Во Франција, каде новиот премиер Мишел Барние најави дека сака менталното здравје да го направи „главна национална кауза“ до 2025 година и вети дуплирање на информациите и центрите за поддршка за тинејџерите „во рок од три години“, откриени се недостатоци во извештајот на француската Висока комисија за планирање, кој беше доставен до Владата. 

Документот се фокусира на „превенција“, рана детекција на нарушувања и промени до патот за грижа. Во извештајот се наведува дека јавната служба за ментално здравје „се бори да ги задоволи потребите“ и потенцира на „пренатрупаност“ во јавните служби. Бројот на психијатри на 100.000 жители во Франција „варира од 1 до 40“ во зависност од регионот, што покрева „прашања за еднаквоста“, потенцира францускиот комесар за планирање Франсоа Бајру

Во Романија, еден извештај тврди дека издвојувањата за здравството по глава на жител се најниски меѓу земјите од ЕУ, а бројот на специјалисти е значително понизок од просек на ЕУ. За земјата, економските трошоци за менталното здравје во просек изнесувале 2,1 отсто од БДП (3.4 милијарди евра) во 2015 година. Романскиот економски и социјален совет ја проценил цената на нелекувани ментални нарушувања на 11 милијарди американски долари (10,1 милијарди евра) во 2022 година. Иако има една од најниските стапки на преваленција во блокот, проблемите поврзани со менталното здравје може да бидат почести од пријавените причини вклучуваат стигма или недоволна дијагноза во Романија. 

Според ОЕЦД, секој шести човек во Словенија во 2019 година се соочил со проблеми со менталното здравје. Владата одговорила со зголемување на напорите за отворање центри за ментално здравје за возрасни, деца и адолесценти. Националниот институт за јавно здравје забележал дека повеќе од една третина од вработените во Словенија се изложени на ризици за нивното ментално здравје на работа. 

Во Италија, шест отсто од возрасните пријавиле симптоми на депресија, што претставува намалување кај генералната популација, но зголемување кај младите на возраст од 18 до 34 години, а при тоа секој трет не бара помош, покажуваат податоците на италијанскиот Национален институт за здравје. 

Според италијанската асоцијација на психијатри, пандемските димензии достигнати од менталните нарушувања не се совпаѓаат со зголемување или подобрување на услугите за третман, особено во Италија. Одделите за ментално здравје се намалиле по број, од 183 во 2015 година до 139 во 2023 година, а наредна година ќе недостасуваат уште илјада психијатри. 

Во други земји, исто така, се забележува зголемување на бројот на млади луѓе кои пријавуваат проблеми со менталното здравје. 

Така, 41 проценти од адолесцентите во Шпанија имале или верувале дека имале проблем со менталното здравје во последната година, иако повеќе од половина не побарале помош, а една третина не кажале на никого, според податоците на УНИЦЕФ и универзитетот во Севиља кои анкетирале речиси 5.000 млади на возраст од 13 до 18 години. 

– Постои многу јасна промена во врска со менталното здравје, се знае повеќе на оваа тема, се повеќе се зборува, но сепак има недостиг на податоци и подобро знаење; нашите адолесценти се повеќе ги нормализираат дискусиите околу менталното здравје или идентификувањето можни проблеми, но сепак постои некаква стигма околу темата“, објасни извршниот директор на УНИЦЕФ – Шпанија, Хозе Марија Вера

Паметен телефон со неколку апликации за социјални медиуми на почетниот екран. Фото: Ханес П. Алберт/дпа

Инфлуенсери, самодијагноза и зголемена свест за ментално здравје 

Неодамнешните истражувања ја истакнаа загрижувачката поврзаност помеѓу прекумерното време поминато пред екраните на мобилните уреди, постојаното негативно влијание врз менталното здравје и академските достигнувања кај децата и младите. Но, некои, исто така, сфаќаат како времето поминато пред екранот значи пристап до информации и помош. 

Заедничко истражување помеѓу УНИЦЕФ и Универзитетот во Севиља заклучи дека повеќе од половина од младите сметаат дека социјалните мрежи како што се Икс, ТикТок и Инстаграм може да се многу опасни за менталното здравје, иако исто така признаваат дека тие се нивните сојузници кога станува збор за барање информации. 

Во Австрија, 75 отсто од жителите на возраст од 15-25 години следат инфлуенсери на социјалните медиуми, 30 отсто изјавиле дека специфично следат инфлуенсери за здравство, наведува експертот за комуникација Катрин Карсеј од Универзитетот во Виена, повикувајќи се на неодамнешно истражување. 

Таа идентификува пораст на интересот за менталното здравје, но исто откри проблеми со „минимизирање и глорифицирање“ на проблемите со менталното здравје. 

– На некој начин и е модерно да се има проблеми со менталното здравје, а јас го гледам тоа како проблем, изјави Карсеј.  

Има пораст и на самодијагностицирањето и претераното толкување на проблемите со менталното здравје на социјалните медиуми. 

– Нагласувам дека треба да добиете повеќе информации и да контактирате со специјалист. Не можете да се дијагностицирате себеси, рече унгарскиот европратеник, лекар и инфлуенсер Андрас Куља за неговите видеа. 

– Вие одлучувате кого ќе следите, истакна Конор Ворен, основач на Спарк УК, организација за ментално здравје водена од млади луѓе во Велика Британија. – Социјалните медиуми ќе останат, додаде овој 18-годишник. 

Самиот тој страдал од ментални проблеми и му било тешко да разговара со специјалист директно, бидејќи бил навикнат да комуницира со своите пријатели преку услуги за испраќање пораки. – Затоа, услугите без вообичаените комуникациски канали треба да се промовираат, како што се услугите со текстови за поддршка на менталното здравје, препорача Ворен.

Сторијата се објавува неделно. Содржината се заснова на вести од агенциите што учествуваат во ЕНР.