Скопје – Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен денеска во Скопје на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека ЕУ ги вложува сите напори со цел земјава да ги отвори преговорите за првиот кластер „Темели“, но додаде дека потребни да се разработат и уставните измени.
Фон дер Лајен на новинарско прашање за тоа дали смета дека условувањата кон земјава за уставни измени се диксриминирачки, но и дали уставните измени со одложено дејство се прифатливи, рече дека ЕУ ќе и помогне на Северна Македонија да ја спроведе преземената обврска на секој дел од патот.
– Ние ќе помогнеме да се спроведе обврската што Северна Македонија ја презеде како суверена земја на секој дел од патот. За мене е мошне важно тоа што имаме јасна цел. Работам колку што можам за да можеме да ги отвориме преговорите за кластерот „Темели“, тоа е нашата краткорочна цел засега и уставните промени треба да се разработат. За мене тоа е важно, важно е и е во интерес на Северна Македонија да бидеме успешни и затоа сакам да ве уверам дека ќе бидеме со вас на секој дел од патот за да стигнеме до заедничката цел. Може да сметате на нас. И мене ми е навистина важна, да не се вртиме многу наназад, туку да гледаме кон иднината и сакаме да го пишуваме следното поглавје од нашата заедничка иднина заедно, рече претседателката на ЕК.
Според неа, ЕУ има јасна цел, а тоа е да се отвори првиот кластер што е можно поскоро. – Речиси сме таму, треба да поминат уставните промени на кои вашата држава се согласи дека ќе ги направи. Со заеднички дијалог се надевам дека сите политички сили ќе се здружат во земјата и ќе направат потребните заеднички чекори за напредок и уверена сум исто како и вас дека можеме да ги надминеме пречките кои постојат. Драг Христијан, бидете сигурен дека проширувањето ќе остане врвен пориоритет на Европската комисија во следните пет години. Сега ги имаме сите потребни алатки и инструменти за да го овозможиме тоа, рече таа.
Претседателката на ЕК посочи дека Северна Македонија постигна многу и дека покажа одлучност во преземањето на секој чекор.- И навистина сакам да ја пофалам Северна Македонија и да одадам почит на луѓето. Сега работата навистина мора да продолжи, рече Фон Дер Лајен. (24 октомври)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.