Скопје – Владата на Северна Македонија го усвои Предлог законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории граѓани за справување со енергетската криза, предложен од Министерството за труд и социјална политика.
Целта на Предлог-законот е обезбедување финансиска поддршка на најранливите категории на граѓани, во услови на енергетска криза.
Финансиска поддршка од 3.000 денари месечно, за период од четири месеци, започнувајќи од наредниот месец, од денот на влегувањето во сила на овој закон е предвидено да добијат: корисници на право на социјална сигурност на стари лица; корисници на посебен додаток; корисници на правото на надоместок заради попреченост; лица со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост; самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош.
И за невработени лица – корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок, е предвидена финансиска поддршка по 3.000 денари месечно, за период од четири месеци, започнувајќи од наредниот месец од денот на влегувањето во сила на овој закон. (16 октомври)
Османи: Ангел Димитров да се занимава со историја, а не со политика
Скопје – Ангел Димитров не е политичар, туку е историчар им му препорачувам да се занимава со историја, а не со политика, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
-Ангел Димиров очигледно покажува некоја политичка амбиција, но, уште еднаш да кажам да се концентрира на следниот состанок на историската комисија, да се подготвува, бидејќи има кој да зборува за политиката, рече Османи
Ангел Димитров денеска изјавил дека во моментов, Република Северна Македонија не се однесува како кандидат за членство во ЕУ.
-Самото потсетување на ЕУ до РСМ, иако со една фраза: дека мора да го почитуваат Договорот за добрососедство со Бугарија, ширум ја отвора вратата за нашите приговори и барања кон земјата, рече Османи.
Ангел Димитров е копретседавач од бугарскиот дел на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. (16 октомври)
Маричиќ: Треба да се почитуваат вредностите на антифашизмот, ќе има законски измени за граѓанските здруженија
Скопје – Слободата на здружување е светост во една демократија и таа мора да се почитувано, но исто така треба да се почитуваат и јавните вредности кои се поврзани со антифашизмот, изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
Тој смета дека се потребни измени на Законот за здруженија и фондации и дека овој закон, кој е стар десетина година треба да се ревидира.
– Вредно е да се разгледа иницијативата на опозицијата за промена на законот. Имавме сигнали од пратениците од владејачкото мнозинство дека би го прифатиле тоа, рече Маричиќ. (16 октомври)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.