Скопје – Премиерот Димитар Ковачевски вчера на прес-конференција информира дека се донесени одлуки со кои ќе обезбеди поевтина струја за компаниите кои вршат производство на основни прехранбени производи, основните и средните училишта, како и за јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето кои работат со пуктни и прочистителни станици.
За компаниите ќе биде обезбедена струја од 80 евра по мегават час и со ваквата одлука, Владата очекува дека ќе се влијае и врз стабилизирањето на крајната цена на основните прехранбени производи.
Тој потсети дека веќе било јавно соопштено од производителите на основните производи дека со ваква одлука цените треба да се намалат најмалку за 10 проценти.
Основните и средните училишта ќе имаат можност до 1 декември да склучат договор со ЕСМ продажба за набавка на електрична енергија по цена од 95 евра за мегават час, а по истата цена со електрична енергија ќе може да се снабдуваат и јавните комунални претпријатија.(30 октомври)
Отворен македонскиот културен клуб во Благоевград
Скопје – Отворен е македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Отворањето на клубот, според основачите, е со цел да ги зближи двата народа и да ги надмине разликите.
– Ова е клуб којшто ќе помогне во Бугарија да ја препознаат македонската култура, а со неа и македонскиот народ. Културниот момент е тој којшто навистина може да ги зближи народите и да ги надмине разликите, беше речено на отворањето на клубот.
На отворањето присуствуваа генералниот секретар во Кабинетот на претседателот на државата Миле Бошњаковски и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на Левица Димитар Апасиев.
Отворањето на клубот го следат голем број новинарски екипи, а има и засилено полициско обезбедување.
Наспроти македонскиот клуб, во организација на ВМРО – Бугарско национално движење отворена е изложба со бугарското знаме и слика од цар Борис Трети и дел од македонските револуционери меѓу кои Гоце Делчев и Јане Сандански проследена со гласна музика. ВМРО-Бугарско национално движење одржа и протест.(30 октомври)
Ковачевски: Во уставните измени да учествуваат сите политички партии, експерти по уставно право и Министерството за правда
Скопје – Уставните измени се прашања на процедура и штом се обезбеди поддршка од сите, тогаш треба да започне таа процедура во која ќе учествуваат сите политички партии, експерти по уставно право и Министерството за правда и низ дискусија да се дојде до Устав кој ќе соодветствува на најголемото мнозинство кое е застапено во парламентот, истакна премиерот Димитар Ковачевски.
Прашан за неговиот став за предлогот на неколку политички партии од албанскиот блок, односно дали е прифатливо да се укине формулацијата 20 проценти од Уставот што, според нив, ќе било и услов за усвојување на уставните измени, рече дека добро е што се разговара за уставните измени, и добро е што веќе нема политичка партија која се противи на уставните измени.
Потенцираше дека на сите треба приоритет да им биде продолжување на патот до Европската Унија и тоа да биде приоритетот и за ова прашање, зошто почнуваат уставните измени, а тоа е, како што рече, што побргу затворање на скрининг фазата на преговотите и отворање на прговарачките поглавје. (30 октомври)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.