Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши денеска ќе оствари работна посета на Европскиот парламент во Брисел, при што ќе се сретне со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.

Во рамки на посетата, како што соопшти собраниската прес-служба, предвидени се средби и со Томас Вајц, известител за Северна Македонија во ЕП и со Тијс Рутен, известител во сенка од политичката група на социјалдемократите.

Според агендата, утре, на иницијатива на Одделот за јавна дипломатија во НАТО ќе биде организирана работна посета во седиштето на НАТО на Гаши и делегација од пратениците, во чиј состав се координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, координаторот на СДСМ Оливер Спасовски, заменик-координаторката на ВРЕДИ Мерита Колчи-Коџаџику, заменик-координаторката на ДУИ Арбана Пашоли, претставникот од ЗНАМ Павле Арсоски и шефот на Делегацијата на Собранието во ПС НАТО Драган Ковачки.

Предвидена е средба со вршителот на должност заменик-генерален секретар на НАТО, Борис Руге и брифинзи со високи официјални претставници на НАТО од Одделот за политички прашања и безбедност и Одделот за јавна дипломатија.

Работните посети на Гаши на овие две важни меѓународни институции, како што е наведено во соопштението, се со цел високите официјални претставници на ЕП и НАТО да бидат изворно информирани за актуелните политички и општествени случувања во земјава, во контекст на европската интеграција на земјава и обврските што ни произлегуваат од членството во НАТО.

Нашата делегација ќе има можност да се запознае и со видувањата и ставовите на своите соговорници за актуелните состојби и идните предизвици на ЕП и НАТО, во контекст на политиката на проширување, очекувањата на земјите кандидати за членство во ЕУ и за погледите на НАТО во светло на тековните безбедносни предизвици во регионот и пошироко. (18 ноември)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.