Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски го реафирмираше ставот дека продолжуваат дипломатските напори за одблокирање на евроинтеграцијата на земјата и оти останува на ставот дека единствено прифатливо решение за Владата е уставни измени со одложено дејство.

– Повторно ќе кажам, ние работиме на дневна основа со нашите сојузници. Ако не сме таму присутни тоа не значи дека не работиме. Телефонски разговараме со сите. Апсолутно со сите. Тука да немате дилема. Денеска моментално е таму министерот за надворешни работи, Муцунски и како прва земја од регионот потпишуваме Договор со високиот претставник, господинот Борел за безбедносна и воена соработка со ЕУ. Први ќе ја добиеме траншата од Планот за раст, први го завршивме сето она што седум години стоеше, чмаеше, само се мавташе со знаме и се крадеше државата, сега се одглави, и сега сме повторно први и ќе продолжиме да бидеме први и во иднина ќе продолжиме. Имаме јасен принципиелен став кој се темели на аргументи. Пред сите светски авторитети тој став го аргументиравме. И европски, пред сите. Нема некој којшто не го слушнал нашиот став. И никаде не слушнавме од нив дека тие аргументи не се добри, тие аргументи се погрешни итн. Ќе работиме, нема да биде лесно. За жал, седум години егзибицинизам беше надворешната политиак и распродавање за да може дома да крадат и да урнисуваат. Мислеа дека на тој начин ќе добијат дозвола, се им е простено дома, ама народот не простува и тоа го видовме на 8 мај, рече Мицкоски на новинарско прашање за коментар за изјавата на еврококмесарот за  проширување Оливер Вархеји кој вчера реферираше пред ЕП за напредокот за земјите од Западен Балкан, а за нашата земја го повтори условот за уставните измени.

Премиерот Мицкоски најави дека тој исто така во два наврати во декември ќе биде во Брисел, на покана на новиот висок претставник за надворшена и безбедносна политика на ЕУ, Антонио Кошта, на 3 декември, и на Самитот на ЕУ и Западен Балкан, на 18 или 19 декември на кои средби повторно ќе ги изложи аргументите на државата.

– И повторно ќе се бориме. Дали ќе успееме не знам. Гледате што се случува кај нашиот источен сосед. Три – четири пати не може да се избере претседател на Собрание. Не можам јас да гарантирам, бидејќи би било наивно и неодговорно ние да гарантираме. Но можам да ви гарантирам дека се од себе ќе дадам и ќе се бориме до последен атом енергија која што ја имаме за да успееме да направиме нешто за државата, рече Мицкоски. 

Прашан со кои земји од ЕУ разговарал во врска со одложено дејство на уставните измени, тој посочи на билатерална средба со канцеларот Шолц, со францускиот претседателот Макрон, со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. (19 ноември)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.