Скопје – Министерот за надворешни работи Бујар Османи порача дека комуникацијата со Бугарија мора да биде постојана и интензивна.
-Колку повеќе оставаме простор без комуникација, некој друг влегува во таа комуникација и ја киднапира агендата и не одвраќа од траекторијата која сме ја исцртале од јули. Се договоривме веднаш да ги активираме секторските работни групи затоа што идната недела тим од двете министерства ќе направи календар за фиксни средби на секторските работни групи, петте групи кои беа формирани уште на почетокот на годината. Ќе се состануваат еднаш месечно за да одржат постојана комуникација, постојано следење на акциските планови во делот на соработката, рече Османи.
Османи беше во посета на Бугарија минатата недела, чија цел, како што рече, била не само одржување нормална комуникација, враќање на агендата, но и еден тип на превентивна дипломатија затоа што, вели, не му се допаднал трендот и динамиката на односите со Бугарија, посебно по големиот исчекор кој го направивме во јули оваа година (12 ноември)
Спасовски: Безбедносната состојба е стабилна и нема никакви индици за нарушување
Скопје – Безбедносната состојба во државата во целата територија во моментов е стабилна, безбедна и нема никакви индикации за нарушување, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски потврдувајќи дека може имаат влијание настаните од поблиското и поширокото опкружување, но и кризата.
-Сега дали може да ја ефектуираат настаните кои што ни се случуваат и поблиското и поширокото опкружување, секако дека, да. Тука е војната со односно воената агресија на Русија во Украина, меѓутоа и другите аспекти пред се економската, енергетската криза сето тоа влијае на состојбите коишто се донесуваат во делот на безбедноста. И затоа во целосната функција се ставени сите безбедносни служби и служби за спроведувањето на законот, рече Спасовски.
Во однос на најавите за бомби во средните училишта, според него, повеќе од јасно е и не треба да бидеме големи експерти ниту за теоризмот, ниту за организиран криминал, дека се случува хибриден напад.(12 ноември)
Маричиќ на првиот билатерален скрининг: Граѓаните мора да ги почувствуваат придобивките од преговорите
Брисел- Имаме капацитет и можеме да одговориме на предизвиците на преговорите, за граѓаните поскоро да ги почувствуваат придобивките од процесот, истакна главниот преговарач на Северна Македонија со ЕУ и вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ во обраќањето на првиот билатерален скрининг пред ЕК.
-Токму заради подобар живот на граѓаните преземаме одговорност државата да ја вклучиме во организиран систем што ќе функционира според стандардите на ЕУ. Овој процес нема да биде лесен и бара заложба и политичка волја, но носи европски стандард за граѓаните и крај на неизвесноста за просперитетот и стабилноста на државата, нагласи Маричиќ.
На билатералниот скрининг кој започна со состанок за Поглавјето 5, „Јавни набавки“, информираше за досега сработеното во областа на јавните набавки, како од аспект на реформи, така и од аспект на правната рамка во областа.
-Добро дизајнираните системи за јавни набавки придонесуваат за постигнување итни политички цели како што се заштита на животната средина, иновациите, отворањето работни места и развојот на малите и средни претпријатија, рече Маричиќ. (11 ноември)