Скопје – Стојам на ставот дека дојавите за поставени бомби во училиштата претставува хибриден напад врз државата и дека тоа е монструозен чин, без разлика кој и да го прави, што ги вознемирува учениците, нивните родители, наставниот кадар и целата држава, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– Институциите максимално се посветени во овој дел. Јас очекувам за многу кратко време да имаме реализација во откривање на еден од сторителите, нагласи Спасовски, зборувајќи за лажните пријави за бомби во училиштата. Во 9:30 часот во МВР беше пријавено дека на електронската адреса на седум училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. МВР информира дека веднаш по добиените пријави, безбедно се евакуирани училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од антитерористички тимови и утврдено е дека станува збор за лажни дојави (16 ноември)
Ковачевски: Очекуваме намалување на цените на лебот, млекото и брашното до 10 проценти
Скопје – Со последните мерки за обезбедување евтина струја за прехранбената струја очекуваме да се намалат цените на лебот, млекото, брашното и другите основни прехранбени продукти до 10 проценти и да го заштитиме стандардот на граѓаните, рече премиерот Димитар Ковачевски.
На прес-конференција со француската државна секретарка за Европа, Лоранс Бун, тој потенцира дека ЕУ се покажа како партнер од доверба и ги исполни своите ветувања, со последната поддршка што ја доби земјава од Унијата – грантот од 80 милиони евра за справување со енергетската и економската криза.
– Оваа поддршка доаѓа зашто ЕУ препозна дека сме одговорна Влада која одговорно менаџира со Буџетот, истакна премиерот. (16 ноември)
Османи-Шуц: Консултации за претстојното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ
Скопје – Министерот за надворешни работи Бујар Османи ја прими директорката за Југоисточна Европа, Турција, ОБСЕ и Советот на Европа во германското МНР, Сузане Шуц, која му ги предаде договорите од Берлинскиот процес и со која разговараше за претстојното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ.
Соговорниците разговараа за актуелните случување во регионот на ОБСЕ и пошироко, приоритетите на Северна Македонија за време на претседавањето, особено потенцирајќи го моментот што нашата земја го преземе претседавањето со ОБСЕ во период на отворена агресија против земја учесничка.
Северна Македонија ќе претседава со ОБСЕ во 2023 година, кое ќе следи по претседавањето на Полска. (16 ноември)
Ковачевски на Конференција за инвестиции во енергетика во Западен Балканво Белград
Скопје – Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска во Белград ќе учествуваат на регионалната Конференција за инвестиции во обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан, во организација на претседателот на Србија Александар Вучиќ и Амбасадата на Норвешка.
Премиерот Ковачевски заедно со премиерите на Албанија Еди Рама, на Црна Гора Дритан Абазовиќ и на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија, ќе ги пречекаат претседателот на Србија Александар Вучиќ и Андреас Б. Ериксен, заменик министер за енергетика и специјален пратеник на норвешкиот премиер.
Сите лидери од Западен Балкан е предвидено да учествуваат на официјалното отворање на конференцијата и на панел дискусија посветена на можностите за инвестиции во земјите од Западен Балкан од страна на норвешки инвеститори. (17 ноември)
Ивановска: Само заедничка борба може да даде конкретни резултати во справувањето со корупцијата
Скопје – Борбата против корупцијата, бара ангажираност на сите нивоа во општеството, затоа од исклучителна важност е сите релевантни институции да преземат активности во рамките на својата надлежност и да ја зголемат својата ажурност. Само заедничка борба и координација може да даде конкретни резултати, нагласи претседателката на Државната комисијата за спречување на корупција Билјана Ивановска, на свеченоста по повод 20-годишнината на ДКСК.
Таа истакна дека никој не смее да ги занемари укажувањата на нашите пријатели од Европа и САД кога велат дека корупцијата во земјава е присутна во сите пори и мора да најде начин да ги разбиеме заедничките политички мрежи што овозможуваат цветање на корупцијата.
– Мора да постои вистинска политичка волја да се запрат овие мрежи. Досега сериозно недостига напредок на овој фронт, рече Ивановска. (15 ноември)
Бун: Годината 2030 е амбициозна, но не е нереална за полноправно членство во ЕУ
Скопје – Годината 2030 е амбициозна, но не е нереална затоа што видовме дека Северна Македонија напредува во поглед на усогласувањето на европското законодавство, изјави француската државна секретарка за Европа Лоранс Бун, одговарајќи на новинарско колку години ќе и требаат на земјава за да стане членка на ЕУ.
На прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски, Бун нагласи дека постои и наредниот чекор – уставните измени кои се важни и се дел од европскиот договор, но и сите реформи што треба да се спроведат.
– Реформата на проширувањето е во прилог на фаворизирањето на динамиката меѓу ЕУ и земјата што ги спроведува реформите да биде подинамично, да има повеќе смисла за да има поголема корист отколку претходната методологија. Затоа Франција има доверба и во амбицијата и во крајната цел на премиерот и на македонската Влада, изјави Бун. (16 ноември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.