Скопје – Франција ја поддржува евроинтеграцијата на Северна Македонија, и е подготвена да ја обезбеди сета своја помош за надминување на сегашните блокади. Преземените обврски мора да се почитуваат. Неопходно е да бидеме реални и да разбереме дека не може да постои апсолутна гаранција за исходот на процесот на интеграција, кој е по својата природа сложен, бидејќи бара согласност од сите држави членки, вели амбасадорот на Франција Кристоф Ле Риголер во интервју за МИА.
– Во рамки на својата Стратегија за Западен Балкан, за Франција, интеграцијата на регионот е приоритет. Затоа, Франција целосно го поддржува и ќе продолжи да го поддржува процесот што води до интеграција на Северна Македонија во Европската унија. Во тој контекст, таа е подготвена да ја обезбеди сета своја помош за надминување на сегашните блокади. Преземените обврски мора да се почитуваат. Сепак, ние не сме индиферентни за чувствителноста на темата, вели францускиот амбасадор Ле Роголер на прашањето постои ли можност за француско посредување и во однос на „француски предлог плус“, за уставни измени со одложено дејство до завршувањето на преговорите, за што се залага македонската Влада
Според него, треба да се биде реален дека не постои апсолутна гаранција за исходот на процесот на интеграција во ЕУ, поради неговата сложеност и носењето одлуки со консензус. – Сепак, Франција е подготвена да работи и да ја искористи својата моќ на убедување за да го осигура текот на процесот на интеграција, во корист на Европската унија и на целиот Југоисточен регион на Европа, подвлекува амбасадорот Ле Риголер.
Во очекување на новиот состав на ЕК и најавените реформи на ЕУ, тој со став и во однос на прашањето дали се разгледува промена на консензусот како принцип на одлучување на Унијата.
– Европската унија и Европскиот совет секогаш биле многу креативни кога станува збор за наоѓање решение за надминување на ситуациите на блокада. Сепак, не постои формален механизам „27 минус 1“, и затоа тоа не може да биде институционализирано решение за моменталната блокада. Одлуките за проширување на Европската унија се уредени со принципот на едногласност. Најдобрата гаранција за Северна Македонија е без сомнение да продолжи да работи посветено на своите реформи, со цел да ја зајакне својата кандидатура, чиј квалитет ќе биде препознаен од Европската комисија и државите членки, вели новиот француски амбасадор. (24 ноември)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.