Скопје – Во вакви околности, повторното актуелизирање на Берлинскиот процес со нова програма за работа е одлична вест. Берлинскиот процес не е замена за полноправно членство во ЕУ, туку инструмент за побрзо приклучување на сите шест држави од Западниот Балкан во ЕУ, истакна претседателот Стево Пендаровски.
Наведе дека потпишаните три договори за минување на границите меѓу државите од регионот со лични карти, за признавање на високообразовните и на професионалните квалификации на докторите по медицина и стоматологија, како и на архитектите, се голем чекор напред кон создавањето на заеднички регионален пазар. Тој нагласи дека не гледа ниту една причина тие договори да не бидат брзо ратификувани во националните парламенти за да може да влезат во сила, а потоа и да се имплементираат така како што се замислени, во интерес на граѓаните од целиот регион.
Тој потенцираше дека најавената поддршка за справување со енергетската криза за нашите држави од претседателката на Европската комисија во вредност од една милијарда евра е израз на европската солидарност и чекор кон враќање на довербата кај големото мнозинство граѓани во вредностите на европската интеграција. (5 декември)
Ковачевски: Борбата против корупцијата високо на агендата
Скопје, 5 декември 2022 (МИА) – Основна работа при борбата со корупцијата е непреченото и независното функционирање на институциите. Број два, е интегритетот и професионалноста на оние кои ги водат институциите и, број три, политичка волја на тие кои учествуваат во работата на институциите за борбата против корупцијата да биде на највисоко ниво. Кога зборуваме за борба против корупција, јас не мислам само на корупција на високо ниво, туку на корупција на сите нивоа во општеството. Значи, од најнискиот шалтер во општеството во некоја локална самоуправа до највисоки нивоа на корупција, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Одговарајќи на прашање за негативните коментари на претставници на меѓународната заедница за корупција во земјата, рече дека и тој исто така многу јасно рекол дека по решавањето на најкрупните прашања во политичкиот дел – зачленувањето во НАТО, склучувањето на договорите со соседните држави, отпочнувањето на преговорите, најкрупен проблем којшто останува да биде решен во наредниот период е борбата со корупцијата и унапредувањето на владеењето на правото.
Според него, надлежност на Владата е да обезбеди независно функционирање на сите истражни, обвинителски и судски органи во државата.
Маричиќ: Членство во ЕУ во 2030 е можно само со јасна политичка волја од двете страни
Скопје – Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ нагласи дека најбрзо до членство во ЕУ ќе се дојде само доколку има јасен израз на политичка волја за силни реформи без импровизации од страна на земјите од Западен Балкан, но и јасна политичка волја и од страна на државите членки на Унијата.
– Само доколку има јасен израз на политичка волја за силни реформи од страна на државите од Западен Балкан и сите Влади и тоа без импровизација, а од друга страна за тоа да има ефект и за да може навистина да имаат политичка тежина тие реформи, мора да има јасна политичка волја од страна на државите-членки на ЕУ, исто така искрено и без импровизации, да дојдеме до точка на членство што побрзо, рече тој. (5 декември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.