Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Оставете ја емоцијата, оставете ги билатералните прашања коишто предизвикуваат емоција, ајде да зборуваме за билатерални соработки, од коишто ќе имаме реални опипливи резултати коишто ќе се темелат на прогресивен напредок, ова е дел од пораката на премиерот Христијан Мицкоски по Самитот во Брисел.

Прашан дали е оптимист по посетата на Брисел, Мицкоски истакна дека она што го кажува како аргумент во јавноста, делумно или целосно, го кажул и и на средбите со европските претставници.

– Јас не добивам од страна на моите соговорници контрааргументи, бидејќи контрааргумент не е знаеш треба 27 да одлучат. Зборувам за план, којшто не е план само за првиот чекор. Јас сум подготвен да разговарам за план, којшто нас ќе не однесе до крајот, бидејќи ние како држава не сме како сите кандидати, морате тоа да го признаете. Затоа што ние повеќе од две и пол децении сме дел од овој процес. Скоро две децении сме кандидати и никој досега немал билатерални договори во својата преговарачка рамка, изјави Мицкоски.

Тој забележа дека ниту една земја досега нема променето знаме, банкноти, име, какошто го направи нашата земја, а токму сето тоа создава фрустрација кај граѓаните. Мицкоски посочи дека во Брисел истакнал оти треба да се зборува за образование, економија, туризам, трансфер на знаење, бидејќи, како што рече, „тука можеме да дојдеме до очекуван резултат“.

– Но, ако зборуваме за идентитски прашања… тогаш се случува емоција, а кога ќе ви се случи емоција вие не можете да дојдете до рационално решение т.е. не можете да дојдете до решение, изјави Мицкоски.

Прашан дали имал средба со техничкиот премиер на Бугарија, Димитар Главчев, Мицкоски одговори дека излегување по работната сесија се поздравиле.  

– Едноставно, ако тоа се смета состанок, по завршувањето на работната сесија на излегување ме поздрави и ми кажа дека сум имал одличен настап, одличен говор и дека на тој начин треба да се градат односите помеѓу двете држави. Јас на тоа одговорив одлично, ајде во скора иднина да ја кренете рампата, за да можеме да почнеме да преговараме и на тоа добив одговор „знаеш во нашиот Парламент сите се против вас“. Еве од прилика ова беше разговорот, ако ова е разговор, којшто го имавме, ова беа, буквално ги цитирам, неколкуте реченици што ги разменивме, рече Мицкоски. (20 декември) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.