Скопје – Министерството со здравство денеска го означи завршувањето на двегодишниот проект „Имплементација на Стратегијата за здравство 2021-2030 година“ спроведен во партнерство и со финансиска поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
Целта на Проектот, кој почна во септември 2022, е да ја претвори Стратегијата во конкретни мерки и активности со кои ќе се подобри здравствената заштита на граѓаните и за изградба на поефикасен, похуман и подостапен здравствен систем. Проектот беше и клучен механизам за изнаоѓање конкретни решенија и насоки усогласени со легислативата на Европската Унија.
– Стратегијата го дефинира патот и визијата за здравство, додека проектот ја направи оваа визија реалност преку конкретни препораки и применливи решенија. Овозможивме темели за одржливи и долгорочни промени во здравствениот систем, истакна министерот за здравство Арбен Таравари.
Претставничката од Делегацијата на ЕУ во Скопје, Мари-Маделин Канелополу, истакна дека е важно националните власти да обезбедат кадар и ресурси за да се спроведат препораките што произлегуваат од проектот.
– Важно да имате лица што ќе обезбедат спроведување на препораките во согласност со најдобрите медицински практики. Да потсетам дека во последниот Извештај на Европската комисија се спомнува дека Северна Македонија е умерено подготвена во областа на здравствена заштита и постигнат е умерен напредок во скрининг на ракот. Исто така се спомнува дека финансирањето е значително под европскиот просек, исто како и бројот на специјалисти. Значи, потребни се специјалистички медицински услуги, рече Канелополу, додавајќи дека недоволниот кадар е „премногу голем јаз за да се обезбеди ефикасен пристап до здравствена заштита“. (27 јануари)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.