Скопје – Заклучоците и препораките кои ќе произлезат од билатералниот состанок за Кластерот „Внатрешен пазар“, Поглавје 3 – Право на основање и слобода на давање на услуги, ќе ги постават следните чекори во процесот на пристапување во областа на Право на основање и слобода на давање на услуги. Ние сме свесни за важноста да се обезбеди правото на основање и слободата на давање на услуги преку процесот на усогласување на законодавството во оваа област, порача министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Брисел во обраќањето на состанокот.
Како што истакна тој, слободното движење на услуги преку елиминација на бариерите за вршење на услужните активности ќе придонесе за развој на економските активности, повисоко ниво на вработување, висок степен на конкурентност и подобрување на квалитетот на услугите, а со тоа и на квалитетот на животната средина. (23 јануари)
Османи: Да ги прекинеме провокациите и да ја наметнеме позитивната агенда што ја градат двете влади
Скопје – Мора да го прекинеме овој циклус на провокации и насилство од двете страни и да ја наметнеме нашата позитивна агенда која двете влади се обидуваме макотрпно да ја изградиме. Нема да дозволиме да бидеме жртва на киднапери на овој наратив којшто сакаме да го изградиме од двете страни, порача денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи од Софија.
Османи, кој заедно со неговиот бугарски колега Николај Милков, го посети повредениот македонски државјанин Христијан Пендиков, кој беше физички нападнат во четврток во Охрид, уште еднаш го осуди нападот.
– Таквиот чин на насилство не ги одразува вредностите на граѓаните и на нашето мултиетничко општество и Северна Македонија ќе се погрижи да има нула толеранција за насилство како одговор на било кој проблем, а најмалку на меѓуетничкиот соживот што е нешто свето што го градиме во последните 30 години, рече Османи. (22 јануари)
Во земјава регистриран првиот случај на зараза со „кракен“
Скопје – Институт за Јавно Здравје (ИЈЗ) соопшти дека кај еден пациент е детектиран новиот подсој на омикрон познат како „кракен“. Пациентот кај кој е детектирана новата сублинија е од Гевгелија, a примерокот е земен на 11.01.2023 година, соопшти ИЗЈ.
Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски во врска со сојот кракен, во четвртокот изјави дека се работи за една варијанта која предизвикува благи симптоми и не се очекува неговото ширење драстично да го оптовари здравствениот систем. Според Петличковски, епидемиолошката состојба во земјата е стабилна, а сезоната на инфлуенца започна пред две недели и би требало да трае седум-осум недели. (22 јануари)
Хакирана фејсбук-страницата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје
Скопје – ОБСЕ потврди дека Фејсбук страницата на Мисијата на Организацијата во Скопје вчера била хакирана. – Ве молиме имајте предвид дека сите пораки кои доаѓаат од таа сметка до понатамошно известување не се авторизирани од ОБСЕ, пишува во нивната објава. По хакирањето страницата на Мисијата на ОБСЕ во земјава е преименувана во „Đỗ Thị Thanh Tâm“.
Во моментов со ОБСЕ претседава Република Северна Македонија. Претседавањето ќе трае во текот на целата 2023 година. (21 јануари)
Повик до училиштата за учество на Европскиот квиз на пари
Скопје – Македонската банкарска асоцијација во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност објави повик до основните и средните училишта во земјава за учество во меѓународниот натпревар „Европски квиз на парите“.
Квизот е проект на Европската банкарска федерација за финансиска едукација на ученици на возраст од 13 до 15 години. Учениците се натпреваруваат во тимови по двајца, при што секое училиште може да пријави повеќе тимови од ученици, со датум на раѓање најдоцна до 15.5.2007 година. Заедно со податоците за тимовите, треба да се достават податоци за наставниците под чие менторство ќе се одвива подготовката. (23 јануари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.