Брисел – Неколку стотици Македонци од Белгија денеска присуствуваа на Божиќна литургија одржана во „Капелата за Европа“ во Брисел по повод христијанскиот празникот Рождество Христово – Божик.
Литургијата, на која меѓу останатите присуствуваа и македонските амбасадори во Белгија и НАТО, Методија Белевски и Дане Талески, се одржа во организација на Црковниот одбор „Св. Пророк Илија“ од Брисел.
Со Литургијата богослужеше отец Жарко Ѓориевски, кој беше назначен од митрополитот на Европската епархија на МПЦ-ОА, Пимен за оваа цел, како и за понатамошните активности на Црквата во Белгија и негување на македонската традиција и достоинствено чествување на православните празници. Литургијата заврши со читање на Божиќното послание на поглаварот на МПЦ-ОП, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан. (7 јануари)
Де Кро: ЕУ мора да се реформира за да биде подготвена за проширување
Брисел – Пред да станеме поголеми, ќе мора да станеме подобри, па затоа ЕУ ќе мора да се реформира пред да биде подготвена за проширување и за прием на нови членки, изјави вечерва во Брисел, белгискиот премиер Александер де Кро.
– Потребна ни е ЕУ што ќе биде способна да носи одлуки на побрз начин, задржувајќи го своето единство и што ќе биде поефикасна во искористувањето на ресурсите, истакна Де Кро на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по средбата на еврокомесарите со министрите во белгиската Влада со која официјално беше инаугурирано претседавањето на Белгија со Советот на ЕУ.
Де Кро нагласи дека сето она што ќе го работи Белгија како претседавач со ЕУ ќе биде насочено кон интересите на европските граѓани и нивната благосостојба. (5 јануари 2024)
ЕУ ги поздрави одлуките на Белград и Приштина за регистарските таблички
Брисел – Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска ги поздрави одлуките на Белград и Приштина за регистарските таблички со кои се овозможи укинување на режимот на налепници и слободно движење на возилата.
– ЕУ ги поздравува одлуките на Косово и Србија официјално да ги признаат меѓусебните регистарски таблички на возилата и целосно да го укинат режимот на налепници, изјави Борел, соопшти Европската служба за надворешни работи.
Тој оцени дека таа одлука претставува позитивен чекор во имплементацијата на Договорот за патот кон нормализација, како и во досегашните обврски од дијалогот за слободата на движење. (7 јануари)
Шарл Мишел ќе се кандидира за европратеник
Брисел – Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел ќе се кандидира за избор во Европскиот парламент (ЕП) во јуни и ќе се повлече од сегашната функција доколку биде избран, соопшти вчера во интервју за белгискиот весник „Стандард“.
– Одлучив да се кандидирам на европските избори во 2024 година, вели Мишел, додавајќи: „Ако бидам избран, ќе седнам на моето место (во Европскиот парламент). Европскиот совет може да го предвиди развојот и да го одреди (мојот) наследник до крајот на јуни – почетокот на јули“.
Четириесет и осумгодишниот Мишел е поранешен премиер на Белгија, а од крајот на 2019 година е на чело на Европскиот совет. (7 јануари)
Тајани: ЕУ треба да формира своја армија
Рим – Европската унија треба да формира своја комбинирана армија која би можела да игра улога во зачувувањето на мирот и спречувањето на конфликти, изјави денеска италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.
– Ако сакаме да бидеме мировници во светот, потребна ни е европска армија. Тоа е основен предуслов за спроведување на ефективна европска надворешна политика, рече Тајани.
Според него, во свет со моќни играчи како Соединетите Американски Држави, Кина, Индија и Русија, со кризи од Блискиот Исток до Индо-пацификот, италијанските, германските, француските или словенечките граѓани можат да бидат заштитени само со нешто што веќе постои, а тоа е Европската Унија. (7 јануари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.