Колони земјоделци го окупираа „европскиот кварт“ во Брисел организирајќи протести против земјоделските регулативи и увозот на храна, палејќи огнови и блокирајќи го сообраќајот. По предлозите на Европската Комисија, европските министри за земјоделство ветија дека ќе ги намалат бирократските процедури, но повикаа на поамбициозни предлози за подобро исполнување на барањата на земјоделците.
Стотици трактори во понеделникот ги преплавија улиците околу институциите на ЕУ во Брисел, додека министрите за земјоделство се состанаа да изнајдат начин да ги рационализираат правилата за земјоделство и бирократските процедури, што ги поттикнаа протестите низ блокот.
Околу 900 трактори го окупираа „европскиот кварт“ по втор пат во еден месец. Земјоделците фрлаа петарди, гореа гуми и маваа со јајца и ѓубриво кон полицијата, која возврати со водени топови и солзавец.
Земјоделците велат дека се гневни поради отежнатите регулативи и евтиниот увоз на земјоделски производи, особено од Украина. Падот на приходите од земјоделските производи е дополнителна причина. Меѓу другото, тие бараат и повлекување од договорите за слободна трговија, кои, според нив, храна со понизок квалитет да се увезува во Европа по нереално ниски цени, што создава нелојална конкуренција.
И покрај неодамнешните протести против регулативите на ЕУ, Европскиот парламент во вторникот гласаше за контроверзниот Закон за обнова на природата, чија цел е обнова на биодиверзитетот и деградираните екосистеми, но може да изврши дополнителен притисок на земјоделскиот сектор.
Иако земјоделците често протестираат во Брисел, протестите во понеделникот беа поекстремни дури и од тие на Движењето на „жолтите елеци“ во 2018 година.
Земјоделци протестираа и во други европски градови. Во Шпанија, илјадници луѓе се собраа пред Министерството за земјоделство во Мадрид со плакати на кои пишуваше „Селата се во бездна, а на Владата не ѝ е грижа“.
Во понеделникот, полските земјоделци повторно го блокираа главниот автопат кон Германија во протест против регулативите на ЕУ и „неконтролираниот“ увоз на жито од Украина. Тие исто така го блокираа и граничниот премин со Словачка, поставувајќи барикади во селото Барвинек и еден час го блокираа сообраќајот.
Илјадници полски земјоделци се собраа во Варшава во вторникот да протестираат против Европскиот зелен договор и бараа построга контрола на увозот на земјоделски прехранбени производи од Украина.
Европските министри се состанаа да ги смират гневните земјоделци
Постојаните протести ги вознемирија европските лидери, загрижени дека екстремно десничарските групи може да ги искористат протестите во пресрет на европските избори во јуни.
Министрите за земјоделство од 27-члениот блок, во понеделникот се состанаа во Брисел да ги испитаат предлозите на Европската комисијата за поедноставување на Заедничката земјоделска политика (ЗЗП), во нов обид да ги смират земјоделците.
ЗЗП е водечката политика за ЕУ за земјоделски субвенции. За да добијат поддршка од ЗЗП, земјоделците и сточарите треба да исполнат низа еколошки услови.
Европската комисија објави листа на опции со цел да ги намали бирократските оптоварувања на земјоделците за пристап до субвенции, па меѓу другото, нуди и поголема флексибилност за користењето на земјиштето и земјоделски инспекции. Предлозите имаат за цел да олабават дел од еколошки ограничувања и вклучително да ги олеснат барањата на поранешните сточари за претворање на нивното земјиште во пасишта.
Комисијата предвидува поедноставување на администрацијата и промена на начинот на инспекциската работа на терен, со цел да се намали бројот на инспекции на земјоделците за 50 отсто. Исто така, им се даваат поголема олеснување на земјоделците кои нема да ги исполнат условите на ЗЗП поради екстремни временски услови.
Повторното разгледување на тековните регулативи на ЗЗП за периодот 2023-2027 година го иницираше еврокомесарот за земјоделство Јануш Војчеховски. Негова цел е да се разгледаат условите за заштита на животната средина, кои мора да се имплементираат во земјоделскиот сектор за да се добие поддршка од ЗЗП. На 6 февруари, Комисијата го повлече контроверзниот Предлог-закон за употреба на пестициди.
Сепак, европските министри за земјоделство побараа од Европската комисија „што побрзо“ да понуди „поамбициозни“ мерки во пресрет на протестите, бидејќи земјите членки ги сметаат предлозите за „недоволни“.
Чекор напред, но недоволен
Невладината организација Светски фонд за природа (ВВФ) предупреди дека загриженоста на земјоделците не се решава со вакви мерки. – Европската Комисија трча наоколу како обезглавена кокошка и фрла еколошки мерки под трактор, изјави Ану Суоно, експерт за земјоделство од Светскиот фонд за природа.
– Овие мерки ќе бидат првиот чекор кон нудење одговор за загриженоста на луѓето, но и тоа не е доволно, изјави белгискиот министер за земјоделство Давид Кларинвал на прес-конференцијата по состанокот во Брисел.
– Новиот ЗЗП е лошо напишан. Сегашните исклучоци не се доволни. Ни требаат суштински промени, изјави италијанскиот министер за земјоделство Франческо Лолобриџида и побара поедноставување на правилата во секторот.
Шпанскиот министер за земјоделство Луис Планас, додаде дека е потребен нов европскиот пакт за земјоделците и руралните средини. Тој ја повика Комисијата што побрзо да презентира законски предлози за промена на дел од условите кои земјоделците треба да ги исполнат за да добијат субвенции од ЗЗП. Тие измени, според Планас, треба да се усвојат пред изборите за Европски парламент во јуни.
Словенија ги поздрави предлозите на Комисијата за намалување на бирократијата, исто така се залага за поголема флексибилност во условите за плаќање, порача државната секретарка во словенечкото Министерство за земјоделство, Ева Кнез, пред почетокот на министерскиот состанок. Кнез го нагласи предлогот за ослободување на помалите фарми од проверките за нивото на исполнување на протоколот за добри земјоделски и еколошки практики (ГАЕЦ), што земјоделците мора да ги исполнат со зел да добијат субвенции.
На 20 февруари, бугарското Министерство за земјоделство и храна испрати известување до Европската комисија дека ќе аплицира за отстапување условот за минимален удел на непродуктивни површини на земјоделското земјиште во 2024 година. Отстапувањето би им овозможило поголема флексибилност на земјоделците во однос на површините и помалку ограничувања за тоа како тие можат да ги користат, со што би се намалиле загубите на приходи и би се обезбедиле соодветни придобивки за животната средина.
Хрватската Влада, од друга страна, се обидува да обезбеди дополнителен буџет за поддршка на земјоделците и покрај предлозите кои ги достави до Советот на ЕУ за обезбедување соодветни мерки и флексибилност во рамките на достапните европски земјоделски фондови, најави хрватската министерка за земјоделство Марија Вучковиќ. Таа додаде дека нејзиното Министерство подготвува предлози за намалување на бирократијата.
Шведска: градењето доверба е најважно
Шведска е една од ретките земји без чести протести. Една од причините за тоа, според Пале Боргстром, раководител на главното шведско земјоделско здружение, Федерацијата на шведски фармери (ЛРФ), е „конструктивната дискусија и односот“ помеѓу земјоделците и Владата.
– Овде избираме да градиме доверба помеѓу земјоделците и останатиот дел од општеството. Протестите би биле поразителни и би ја уништиле таа доверба, изјави тој во интервју за шведската телевизија СВТ.
Според него, шведските земјоделци биле поуспешни во добивање компензации во споредба со јужна Европа, каде нивните колеги се соочуваат со потешки ситуации со ланците за снадување „кои секогаш ги намалуваат цените“.
Повеќето големи политички партии во Шведска, исто така, се пропазарно ориентирани и силно ги поддржуваат договорите со јужноамериканскиот трговски блок Меркосур, Нов Зеланд и Австралија.