Скопје – Економијата е во фокусот на Владата на Македонија и во изминатите шест месеци од својот мандат посветува внимание да направи промени коишто ќе донесат предвидливост за инвеститорите и подобри услови за инвестирање, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на Форумот на „Инвисо“ што се одржува во Виена.
Димитриеска-Кочоска се осврна и на спроведување на реформите поврзани со евроинтеграцијата на земјата, при што истакна дека се следи Реформската агенда и дека ќе бидат завршени преземените обврски во врска со неа.
– Она што е утврдено со Реформската агенда ќе го завршиме. Веќе се подготвува договорот за побарување на средствата и сме прва земја од петте во Западен Балкан што ги исполни обврските, што значи дека сме многу сериозни, истакна министерката за финансии.
Таа потенцира дека се преземаат сериозни активности и во борбата со криминалот и корупцијата, активности на полето на фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит, како и други реформи кои се важни за инвеститорите.
– Многу сме сериозни и фокусирани на економијата и можам да ветам дека во наредниот период ќе покажеме сериозни резултати. Веќе ги покажуваме и сега, а сериозен доказ за тоа е растот на БДП во третиот квартал. Работиме и на реформи што се многу важни за нас и за инвеститорите, што значи се обидуваме целосно да го смениме концептот на работа и тој да биде заснован на професионалност, нагласила министерката.
Воведни обраќања на Форумот имаа и првиот потпретседател на ЕБОР Јирген Ригтеринк, гувернерот на централната банка на Австрија и член на УО на Европската централна банка, Роберт Холцман, заменик-министерот за финансии на Грузија Екатерина Гунтсадзе и заменик-претседател за регионот во Меѓународната финансиска корпорација при Светската банка, Алфонсо Гарсија Мора. (14 јануари)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
