Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – До ноември може да се направи многу, но секој треба да биде одговорен и на ниво на задачата и на обврската кон граѓаните и кон државата. Нема простор за декларативна поддршка за ЕУ, истакна премиерот Димитар Ковачевски.

-Јас не сметам дека шест месеци е кус период, до ноември има 10 месеци, и воопшто не сметам дека е тоа кус период за 10 месеци може да се направат многу позитивни работи. Секако секој треба да биде одговорен да биде на ниво на задачата и на обврската кон граѓаните и кон државата. Јас не сум човек кој дошол на позиција за да некого убедува или разубедува, туку за да спроведува стратегијата и целите кои што државата ги поставила пред 31 година. Јас како политичар и како човек и мојата политичка партија се водиме од стратегиите и целите на државата за полноправно членство во ЕУ, исто така како што се водевме од целта Северна Македонија да стане членка на НАТО и станавме, рече премиерот. (13 јануари)

Бектеши: Над 15 проценти заштеда на електричната енергија кај домаќинствата и малите потрошувачи во последните три месеци

Скопје – Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на својот фејсбук-профил објави дека заштедата на електрична енергија кај домаќинствата и малите потрошувачи само во декември изнесува 17 проценти, во ноември заштедата изнесувала 18 отсто и во октомври заштедата изнесувала 17 проценти.

– Тоа значи дека во последните три месеци домаќинствата и малите потрошувачи имаат над 15 проценти заштеда на електрична енергија, што беше препорака од мерките на Владата, потенцираше Бектеши.

Министерот посочи дека мерките за штедење ги даваат првите резултати, потенцираќи дека имаме повеќе од 15 отсто заштеда кај домаќинствата и кај малите потрошувачи, а тоа помага за справување со енергетската криза. (14 јануари)

Нуредини за МИА: Очекувам годинава да се фокусираме на долгорочните мерки за аерозагадувањето

Скопје – Како Влада очекувам во 2023 година да се фокусираме на долгорочни мерки за аерозагадувањето, пред се на изградбата на гасоводот, бидејќи само со што поскора гасификација на државата ќе можеме трајно да го решиме проблемот.. Но очекувам во оваа година повеќе да се насочиме и кон секторот транспорт како извор на загадување, истакна за МИА министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Нуредини потенцираше дека продолжуваат посветено да работат на исполнувањето на предвидените политики од амбициозниот национално определен придонес кон Договорот од Париз, Третиот двогодишен извештај за климатски промени и Долгорочната стратегија за климатска акција и акционен план, со која се предвидува транзиција од јаглен кон чисти и обновливи извори на енергија, градење на просперитетна економија која следи одржливи и климатски отпорни патеки за развој, подобрување на конкурентноста и промовирање социјална кохезија преку акција за борба против климатските промени и нејзините влијанија. (15 јануари)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.