Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Северна Македонија може повторно да го фати чекорот така што ќе започне со работата на реформската агенда. Агендата 2030 на ЕУ е активна, а перспективата за членство на земјата во ЕУ е вистинска, исполнива и изводлива, порача поранешен главен преговарач за пристапните преговори на Хрватска со ЕУ, Владимир Дробњак во обраќањето на денешната дебата на тема „Реформите како заедничка одговорност: Градење консензус за пристапување на Северна Македонија во ЕУ“, што се одржа во Собранието во Скопје.

– Меѓународниот поредок се менува и нивото на несигурност значително се зголеми. Некој може да каже дека во моментов глобалните институции имаат и мултилатералните системи се разградуваат и незнаеме како ќе изгледа иднината. Меѓутоа ЕУ останува на овој стратешки пат и овој стратешки момент силна и релевантна многу повеќе од кога било за да понуди и сила, меѓутоа и заштита во исто време. И ова е она што за Северна Македонија е најважното нешто и најважната точка. Имајќи предвид дека ја имаме оваа несигурност на времињата во кои што живееме, сите треба да сфатат дека националниот интерес најдобро служи на целта кога европските решенија функционираат, а центарот на гравитацијата на Северна Македонија не е Скопје туку Брисел и Вашингтон, рече Дробњак.

Според него, проширувањето на ЕУ се случува во една многу сложена средина врз која влијае војната во Украина, но и новата американска политика. Тој при тоа ситуацијата со проширувањето ја одбележа со три клучни збопра – перспектива, празнина, но и кондиционалност и бројката 2030. 

Дробњак оцени дека граѓаните на државата треба да знаат дека перспективата за членство на земјата во ЕУ е вистинска, исполнива и изводлива, што произлегува од документите на ЕУ. Празнината или јазот, пак, се однесува на недоволната социо-економска конвергенција меѓу земјите од ЕУ и ЗБ, за чие забрзано надминување треба да помогне Планот за раст и усвоената реформска агенда – нови инструменти конкретно и специфично направени за да го намалат овој јаз.

Зборот условеност, додава тој се однесува на повеќекратните услови кои треба земјата да ги исполни за да стане членка на ЕУ. Тој укажа дека државава не е единствена која се соочила со проблеми на својот европски пат и укажа на хрватското искуство од преговорите за пристапување со ЕУ – соработка со Хашкиот трибунал, проблемот со поморската граница со Италија и целиот пакет на погранични прашања со Словенија. 

Бројката 2030, рече Дробњак покажува дека ЕУ останува спремна за проширување односно дека претстои големо проширување до 2030 година, но и дека на Унијата и претстои работа на внатрешни реформи и на повеќегодишната финансиска рамка за 2028 – 20234 година. За Северна Македонија, нагласи дека во отсуство на формален почеток на пристапните преговори Реформската агенда е најважната алатка што ја има на располагање и што може да ја искористи. (22 април 2025) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.