Брисел – Европската комисијата донесе одлука да додели повеќе од 380 милиони евра за реализација на 133 нови проекти ширум Европа во рамките на Програмата за активности поврзани со животната средина и климата „Лајф“, меѓу кои и 1,2 милиони за обезбедување на енергетска ефикасност на постојни станбени објекти во Северна Македонија .
Проектот е дел од напорите на Северна Македонија за усогласување на сопствените со климатските и енергетските цели на ЕУ до 2030 година и има за цел да обезбеди систем на услуги за реновирање на станбени објекти за обезбедување на нивна енергетска ефикасност.
За време на пилот фазата ќе биде субвенционирано реновирањето на 200 куќи и станови во Скопје, Куманово и Кочани со цел да се обезбеди заштеда на енергија и намалување на емисиите на штетни гасови. За проектот од ЕУ се предвидени речиси 1,20 од вкупно потребните над 1,26 милиони евра за негова реализација, за што крајниот рок е 30 септември 2027 година.
Реновирањето на постојните станбени објекти во Северна Македонија се одвива со темпо од околу еден отсто од нивниот вкупен број, што е далеку под препорачаната стапка за реновирање на ЕУ од пет проценти.
Се очекува со проектот да се надминат предизвиците поврзани со недостигот на вештини, капацитети и финансии за имплементирање на комплексниот и амбициозен план за транзиција кон чиста енергија. Се предвидува со проектот да се поттикнат инвестиции од околу три милиони евра, заштеда на примарна енергија од 3,75 гигават часови годишно, генерирање на обновлива енергија од 2.976 гигават часови годишно и намалување на емисиите на стакленички гасови за 3584,75 тони еквивалент на јаглерод диоксид годишно. (21 октомври)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.