Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Брисел – Европската комисија распиша конкурс на кој архитекти, граѓани, компании, културни дејци, иноватори и истражувачи ќе можат да ги достават своите предлози за учество на третото издание на фестивалот „Нов европски Баухаус 2026“, што е предвидено да се одржи во Брисел од 9 до 13 јуни 2026 година.  

Фестивалот се одржува на секој две години и е насочен кон креирање на привлечни, инклузивни и одржливи простори за живеење. Од 2023 година право за учество на фестивалот, покрај субјекти од земјите членки на ЕУ, имаат и поединци и институции и од државите од Западниот Балкан. 

Фестивалското издание во 2026 година има за цел да ја нагласи улогата на „демократското ангажирање во обликувањето на иднината“.  

Предлозите на конкурсот можат да се доставуваат во три категории: „Саем“, каде ќе бидат претставени проекти што ги поддржуваат вредностите на „Новиот европски Баухаус“; „Фестивал“, наменети за конвергенција на културата, уметноста и заедницата и „Придружни настани“ за проекти поврзани со вредностите на Баухаус, што ќе бидат организирани независно во Брисел и ширум Европа. 

Рокот за пријавување за категориите „Саем“ и „Фестивал“ е до 30 септември 2025 година, а за „Придружни настани“ до 31 декември 2025 година. (11 јули 2025) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.