Кога Мишел во 2019 ја презеде позицијата претседател на Европскиот совет, идејата дека Европа треба да биде помалку зависна од другите континенти и да се стреми кон “стратешка автономија” полека се вкоренуваше. “Знам дека сè уште има предизвици, но во овој поглед постигнавме повеќе напредок во последните пет години низ низа кризи отколку во последните триесет години”, тврди Мишел во интервју за The European Newsroom, соработката на новински агенции меѓу кои се наоѓа и Белга.
Мишел ги спомнува, меѓу другото, европскиот одговор на пандемијата од корона и руската инвазија на Украина. Сепак, и натаму постои чувството дека европската безбедност лежи во рацете на американските избирачи во одредени сојузни дражави, но според Мишел, Европската Унија не треба да чека со страв кој ќе биде следниот жител на Белата куќа. “Не сакам моите деца или внуци да бидат зависни од тоа кој ќе биде следниот претседател на САД или Кина или Русија. Сакам да задржат контрола над својата судбина затоа што ние во Европа самите одлучуваме за нашата иднина”.
Мишел исто така не е толку сигурен дека победата на Доналд Трамп или Камала Харис ќе направи голема разлика во одредени политики на Вашингтон на долг рок. Тој спомнува на пример протекционизмот на другата страна на Атлантикот и фокусот на Кина. “Секако дека има разлики помеѓу Трамп и Харис, особено на краток рок, но дали сме сигурни дека на долг рок ориентацијата ќе биде толку различна за односите помеѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави?”
Мандатот на Чарлс Мишел истекува на крајот на ноември. Од декември, португалскиот поранешен премиер Антонио Коста ќе го преземе претседателството на Европскиот совет.