Гент (Белгија) – Европа е подготвена да ја брани својата индустрија против нечесните практики на странските земји, предупреди во вторникот новиот потпретседател на Комисијата задолжен за Просперитет и Стратегија за индустријата Стефан Сежурне, за време на посета на челичарницата на АрцелорМитал во Гент (северозапад на Белгија).
“Не можеме да бидеме единствениот отворен пазар. Им го кажувам тоа на Американците: ако сакаат да имаат пристап до европскиот пазар, ќе треба и ние да имаме пристап до американскиот пазар”, изјави за АФП францускиот функционер, прашан за заканата од царински давачки изнесена од избраниот претседател Доналд Трамп.
Оваа посета во челичната фабрика која вработува пет илјади луѓе ја означува приоритетот даден на економската конкурентност од новото европско раководство.
„Комисијата веќе недели работи на план за индустријата на челик“, објасни Стефан Сежурне.
Европската челична индустрија е засегната од кинеската конкуренција и вклучена во скапа еколошка транзиција. Таа ја плаќа енергијата поскапо од своите американски или азиски конкуренти.
Поддршката за индустријата не е “контрадикторна со целите за животната средина, напротив”, оцени шпанката Тереса Рибера, потпретседателка на Комисијата задолжена за Еколошка транзиција и Конкуренција, која исто така беше присутна во Гент во вторникот. (3 декември 2024)