од АФП, АНСА, Агерпрес, АПА, Белга, дпа, ЕФЕ, ФЕНА, МИА, СТА | 6 окт 2023 | Key Story
Европскиот парламент ги усвои предлозите за закон за слобода на медиумите во ЕУ што има за цел да ги заштити новинарите од политичко влијание, им се дозволува да ги зачуваат изворите и се овозможува медиумски плурализам во блокот. Истовремено, пречките за слобода на медиумите стануваат очигледни низ целиот континент.
Европскиот парламент поддржи закон изработен за да го одбрани плурализмот и независноста на медиумите и доверливоста на изворите. Законот за медиумска слобода (Media Freedom Act) треба да обезбеди поголема транспарентност во сопствеништвото на медиумските компании. Медиумите исто така ќе треба да обелоденат колку пари добиваат од државно рекламирање.
„Многу мислеа дека ова е невозможна мисија. Но тука е: предлог за заштита на слободата на медиумите во Европската унија,“ изјави потпретседателката на Европската комисија Вера Јурова во Стразбур.
Германската пратеничка во Европскиот парламент Сабине Верхејен, задолжена за законот во Парламентот, изјави „не можеме да ги затвориме очите пред фактот дека слободата на медиумите е под сериозна закана во неколку земји-членки на ЕУ“. Во изјава од парламентот, членовите на ЕП се залагаат за „забрана на било какво мешање во уредувачката политика на медиумските компании.“
Словенечката европратеничка Ирена Јовева предупреди дека „се случуваат нетранспарентни преземања на медиумски компании заради личен интерес, а јавните медиуми што претставуваат столб на веродостојни информации за луѓето, се на многу места предмет на обиди за потчинетост, во најмала рака.“
Противење за законот дојде од партии како австриската десничарска Партија на слободата. Австрискиот парламентарец Харалд Вилмски суштински се противи на Законот за медиумска слобода и гледа на него како закана за слободата на медиумите. Тој исто така вели дека ЕУ ги надминува своите надлежности: „Овие прашања се соодветно регулирани со закон во земјите-членки веќе долго време, нема причина за централната канцеларија во Брисел сега да се меша.“
Германското здружение на дигитални издавачи и новински издавачи (БДЗВ) и Медиумското здружение на слободен печат (МВФП) сметаат дека има подобрување во ставот на Парламентот, но клучните проблеми се се уште присутни. На пример, договорениот текст не вклучи повик за општа забрана за владите да ги шпионираат новинарите.
Проблематични точки
Европската комисија го претстави својот европски закон за слобода на медиумите во септември 2022 година како одговор на влошената ситуација во земјите на ЕУ, како Полска и Унгарија. Исто така, забалежани се проблеми и во други земји, вклучувајќи ја и Грција, Романија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија, што ја поттикна потребата да се засили заштитата на новинарите во Европа.
Во септември, осум европски и меѓународни медиумски организации ја повикаа грчката влада да се бори против неказнивоста за злосторства врз новинарите и да ја поддржи слободата на медиумите. Иако грчките власти тврдат дека слободата на медиумите се почитува и Атина ги поддржува позициите на ЕУ за отворено новинарство, конзервативната влада на премиерот Киријакос Мицотакис „направи малку за да ги реши проблемите“, рече коалицијата.
Во Романија, новинарите се соочуваат со закани за нивната физичка безбедност, упад во нивниот приватен живот и уреднички притисок, рече Лиана Ганеа, претседател на „ActiveWatch“, организација која ја промовира слободата на изразување. Понатаму, постои недостаток на транспарентност во сопствеништвото и финансирањето на медиумските институции од страна на политичките партии и јавните власти, како и недостатоци во однос на политичкото рекламирање.
Политичарите во Босна и Херцеговина често ги напаѓаат новинарите и влијаат на јавните медиуми или на регулаторните тела. Новинарите генерално работат во средина без цензура, но многу фактори поттикнуваат самоцензура. Иако земјата се обидува да стане членка на Европската унија, властите во Република Српска (РС) донесуваат закони кои се во спротивност со европските стандарди. Законот за криминализирање на клеветата, на пример, стапи на сила во РС во август, и покрај коментарите и протестите од новинарската заедница, невладините и меѓународните организации.
Во последниот извештај на организацијата „Репортери без граници“, Северна Македонија во 2023 година е рангира на 38 место од вкупно 180 земји во светот според Глобалниот индекс за слободата на медиумите, што претставува скок од 19 места во однос на лани и напредок од 52 места во споредба со 2021 година. Во Извештајот се наведува дека новинарите во Северна Македонија не работат во непријателско опкружување, но поради дезинформациите и недостигот на професионализам опаѓа довербата на јавноста во нив, што ги изложува независните медиуми на закани и напади.
Според анализата на Истражувачка Репортерска Лабораторија Македонија (ИРЛ) од 2018 година, унгарски државјани поврзани со провладини медиуми во Унгарија масовно купуваат медиуми во Македонија, како дел од активности за продор кон Балканот од страна на медиумски куќи поврзани со унгарски премиер Виктор Орбан. Така двајца поранешни директори на државната Унгарска телевизија (МТВ), Питер Шац (Péter Schatz) и Агнеш Адамик (Ágnes Adamik) отвориле свои фирми во Северна Македонија, кои стекнале мнозински удел во акции во медиумите во државата блиски до опозицијата.
Нема победа над шпионажата
Делегацијата која ја посети Грција во септември утврди дека „грчкото новинарство е под постојана закана од влијанието на скандалот со прислушување“ што се објави во 2022 година. Скандалот со шпионскиот софтвер Пегасус вклучуваше прислушување на политичари од опозицијата. Меѓу нив беше и лидерот на социјал-демократската партија ПАСОК, Никос Андрулакис, како и новинари, бизнисмени, членови на владата и блиски соработници на Киријакос Мицотакис. Овој скандал, заедно со нерешеното убиство на искусен новинар во Атина во 2021 година, како и злоупотребата на правните постапки, економскиот и политичкиот притисок, претставуваат закана за слободата на медиумите, се вели во извештајот.
Шпионскиот софтвер е долго време жешка тема во Европскиот парламент, што назначи посебна комисија за употребата на програмите како Пегасус и неговите следбеници. Тие играа улога во шпионските скандали што ги засегнаа владите во Шпанија, Унгарија и Грција, и исто така претставуваат истражни алатки за откритија што доведоа до експлозивниот Катаргејт коруптивен скандал.
Медиумските активисти ги критикуваа држави-членки на ЕУ, особено Франција, поради тоа што се залагаа за проширување на правните празнини, што им овозможуваше на властите да ги шпионираат новинарите во име на „национална безбедност“. Ставот на парламентот ја ограничува употребата на шпионски софтвер како „крајна мерка“ кога новинарите биле вмешани во сериозен криминал како што е тероризам или трговија со луѓе. Исто така, судија мора да го одобри тоа.
Одлуката да не се одобри целосна забрана предизвика критики, вклучително и од италијанската пратеничка од Движењето Пет ѕвезди, Сабрина Пињедоли, која обвинува дека „благодарејќи на оваа измена, правосудните власти ќе имаат можност да вградат и скријат злонамерен софтвер на мобилните телефони и компјутери на новинарите, со цел да откријат па дури и да украдат лични податоци.“
Прашањето доби на видливост во Франција по реакциите на јавноста поради минатомесечниот дводневен притвор на Ариане Лавриле. Француската новинарка која работи за истражувачкиот веб-портал Дисклоуз (Disclose) беше држена во полициски притвор цели 39 часа на 19ти и 20ти септември и нејзиниот дом беше цел на претрес како дел од правосудна истрага за компромитирање на тајни поврзани со националната безбедност. Ова се случи откако таа објави написи за продажба на француско оружје во странство и француска разузнавачка мисија во Египет што земјата наводно ја злоупотребила за да таргетира и убива противници.
Сива зона за ублажување на содржини?
Друг важен дел од законот се однесува на ублажување на содржините од страна на многу големи платформи. За да се спречат во прелесно отстранување на написи или извештаи или ограничување на пристапот до нив, законот утврдува дека медиумите треба, на пример, да бидат транспарентни околу нивната сопственичка структура. Медиумите треба да бидат уреднички независни, мониторирани од страна на национален регулатор или треба да ги почитуваат саморегулаторните стандарди. Содржина креирана со помош на вештачка интелигенција не треба да се објавува без претходно да помине човечка контрола.
Доколку одредена онлајн платформа смета дека содржината објавена од одреден медиум ги исполнува овие услови а сепак ги прекршува нејзините услови за користење и дека релевантната содржина треба да се отстрани, медиумот треба однапред да биде известен и да му се даде 24 часа за одговор. За да се избегне давање премногу моќ на интернет гигантите, законот предвидува поставување на повисоки критериуми за отстранување или ограничување на извештаите од страна на медиумските куќи, тнр „медиумски исклучок“.
„Од друга страна, ние навистина сакавме да им дозволиме на медиумите што ги исполнуваат меѓународните стандарди на добро новинарство да излезат од ублажувањето на содржините. Но од друга страна, треба да се осигураме дека веќе не постојат празнини за оние медиуми што не се придржуваат и шират дезинформации на европските граѓани,“ вели европската пратеничка Сабине Верхејен. „Да бидам директна: содржината што ја гледате во вашиот весник или на телевизија нема да зависи од Илон Маск или Марк Закерберг,“ додаде таа.
„Од друга страна, ние навистина сакавме да им дозволиме на медиумите што ги исполнуваат меѓународните стандарди на добро новинарство да излезат од ублажувањето на содржините. Но од друга страна, треба да се осигураме дека веќе не постојат празнини за оние медиуми што не се придржуваат и шират дезинформации на европските граѓани,“
Сабине Верхејен, пратеничка во Европскиот парламент
Европската радиодифузна унија (ЕБУ) ги поздрави подобрувањата на текстот од страна на пратениците во ЕП, особено околу заштитата на верифицирани медиуми од цензура од страна на платформите. Сепак, Здружението на компјутерска и комуникациска индустрија (ЦЦИА), американска организација чии членки се Фејсбук, Гугл и Твитер, остро ја критикуваше мерката тврдејќи дека „медиумскиот исклучок ќе ги охрабри одметниците и ќе создаде нови празнини за ширење на лажни вести отколку дека ќе реши нешто.“
Гласањето на европските пратеници го означува ставот на Парламентот околу нацрт-законот пред преговорите со 27те земји-членки на ЕУ. Одредбите од законот наменети за заштита на доверливоста на изворите и новинарската работа ветува тешки дискусии со членките на ЕУ кои го усвоија нивниот став за текстот во текот на јуни.
Овој напис се објавува еднаш неделно. Содржината се заснова на вести од страна на агенции-учеснички во енр.