AFP, Agerpres, AMNA, ATA, BTA, dpa, EFE, Europa Press, MIA, STA
Претседателот на Европскиот комитет на регионите Васко Алвес Кордеиро предупреди дека – минатата година, сто милиони Европејци биле изложени на ризик од сиромаштија или социјалната исклученост. Секој петти.
– Не можеме да го игнорираме и не смееме да го прифатиме ова, изјави тој на отворањето на 22-та Европска недела на региони и градови на најголемиот годишен настан во Брисел посветен на кохезивната политика, кој се одржа во вторникот.
– Ни треба кохезија повеќе од кога било досега. Не затоа што ова е добротворност, туку затоа што со децении, кохезивната политика значеше напредок во Европа. Подигнување на регионите и градовите, како и луѓето, фамилиите и поединците, рече португалскиот политичар.
Европскиот комитет на региони е гласот на регионите и градовите во ЕУ, ги претставува локалните и регионалните власти во Унијата. Тој дава совети за нови ЕУ-закони кои влијаат на регионите и градовите, а се состои од 329 членови од 27 земји-членки. Основан е во 1994 година и оваа година прослави 30 години од своето постоење.
Алвес Кордеиро исто предупреди за ризикот со кој се соочуваат градовите и регионите во ЕУ од можната централизација на национално ниво од кохезивната политика на ЕУ во повеќегодишниот буџет на блокот за 2028-2034 година.
– Ги вклучивме алармите, додека некои беа – или подобро, се – во искушение за централизација, додаде претседателот на Европскиот комитет на региони. Според него, ова „ќе го укине учеството на регионите и градовите.“
Комесарката за кохезија и реформи во заминување, Елиза Фереира, изрази слично мислење, потсетувајќи дека во јули претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Европскиот парламент изјави дека таа е „посветена на силна кохезивна политика, создадена заедно со регионите и локалните власти“.
Претходно, Фереира инсистираше на важноста „да не се изгуби ДНК-та на кохезивната политика“, бидејќи таа е „лепилото што ја држи Европа и да не се загуби пристапот од долу – нагоре“.
Основата на регионалниот развој
Кохезивна политика на ЕУ е дизајнирана да обезбеди избалансиран развој во сите региони на 27-те земји членки на блокот со тоа што ќе го намали економските, општествените и социјалните недостатоци. Обезбедува финансиска поддршка за поддржување создавање нови работни места, конкурентност на бизнисот, економски развој и одржлив развој, особено во помалку развиените региони.
Со инвестирање во инфраструктура, иновации и социјални програми, кохезивната политика има за цел да ги поттикне регионалните економии и да ги подобри условите на живот, обезбедувајќи да секој регион е дел од стремежот кон поинтегрирана и просперитетна ЕУ.
Според истражување на Европската комисија, во последните пет години кохезивната политика поддржала 2,7 милиони компании, придонела за создавање на 260.000 работни места во нови компании, ги проширила инструментите за инфраструктура и едукација за доброто на околу 18 милиони деца и млади. Во исто време, ги поддржала образованието и обуката на најмалку 12,8 милиони луѓе.
Покрај тоа, го има подобрено снабдувањето енергија на 380,000 домаќинства и широкопојасен интернет во 3,1 милион домаќинства.
Иако е надвор од опсегот на кохезивната политика на ЕУ, блокот исто така финансиски поддржува и регионални проекти во земји надвор од ЕУ. На пример, во Албанија ЕУ помага во намалувањето на нееднаквоста помеѓу регионите во земјата и дава поддршка на беспомошните групи или оние со помали можности во образованието, социјалната поддршка и културните активности.
Албанија стана официјален кандидат за членство во ЕУ во јуни 2014 година, додека преговорите за пристапување ги отпочна во јули 2022 година.
Иницијативите во Албанија вклучуваат зајакнување на локалниот капацитет и основање социјални центри за ранливите групи (EU4Municipalities), програма за поправка или реконструкција на повеќе од 60 образовни објекти како последица на ужасниот земјотрес од 26 ноември, 2019 година (EU4Schools) и програма за поддржување на зачувувањето и обнова на извори на чиста вода (EU4Rivers).
Ризикот од сиромаштија и социјалната исклученосто станува висок за европејците
Клучен фокус на кохезивната политика е справување со сиромаштија и социјалната исклученост и подобрување на животниот стандард и пристап до можности за ранливите групи. Сепак, милион Европејци продолжуваат да се соочуваат со овие предизвици и денес, според информациите за стапката на ризик од сиромаштија или социјална исклученост (АРОПЕ) за неколку европски земји.
Според статистичката служба на ЕУ, Евростат, во 2023 година околу 94,6 милиони луѓе во ЕУ биле во ризик од сиромаштија или социјална исклученост, што е еквивалентно на околу 21 проценти од населението. Кризата на трошоците за живот, инфлацијата и енергетската криза, како и растечкиот недостаток на станови и влијанието на војната во Украина се меѓу причините за високите стапки на ризикот.
Франција: Во Франција, според податоците на Евростат, 20,4 проценти од населението било на ризик од сиромаштија или социјална исклученост. Според годишниот извештај на хуманитарната организација „Малите браќа на сиромашните“, објавен на крајот на септември, два милиони луѓе на возраст од над 60 живеат под прагот на монетарна сиромаштија. Прагот е релативно поставен на ниво од 60 проценти од просекот на приход (т.е. 1.216 евра месечно за едно лице и 1.824 евра за двојка).
Шпанија: Речиси 13 милиони луѓе се во опасност од сиромаштија или социјална исклученост во Шпанија, според 14-от Извештај за „Сиромаштијата во Шпанија“, објавен во јуни од страна на Европската мрежа за борба против сиромаштијата во Шпанија (ЕАПН-ЕС). Според студијата и податоците на Евростат, стапката на AРОПЕ се зголеми од 26 проценти во 2022 година на 26,5 проценти во 2023 година – 400.000 лица повеќе, главно поради зголемувањето на трошоците за живот.
Романија: Податоците на Евростат покажуваат дека стапката на AРОПЕ во Романија во 2023 година изнесувала 32 проценти од населението – највисока стапка во ЕУ – што одговара на шест милиони луѓе. Според претставниците на романската национална синдикална конфедерација Картел Алфа, речиси 80 проценти од луѓето со инвалидитет не можат да заработуваат доволно за да си дозволат одмор, а 35 проценти од работниците се на ниво на минималната загарантирана плата, која сè уште не ја покрива минималната потрошувачка за достоен живот.
Бугарија: Според Евростат, 30 проценти од Бугарите биле во ризик од сиромаштија и социјална исклученост во 2023 година. Кон крајот на септември, бугарскиот Совет на министри ја постави линијата на сиромаштија за 2025 година на 638 лева (326 евра), што е зголемување од 21,3 проценти во однос на оваа година. Техничкиот министер за труд и социјална политика Ивајло Иванов изјави дека поради поскапувањето, на повеќе лица и семејства кои имаат потреба ќе им биде дадена државна поддршка.
Грција: Според националната статистичка служба на Грција (ЕЛСТАТ) и Евростат, населението кое е во ризик од сиромаштија или социјална исклученост, врз основа на податоците за 2023 година, изнесува 26,1 проценти од населението на земјата (повеќе од 2,6 милиони луѓе), речиси непроменети резултати во споредба со 2022 година од 26,3 проценти. Ризикот од сиромаштија или социјална исклученост беше највисок за децата на возраст до 17 години (28,1 проценти), стапка која остана непроменета во споредба со 2022 година.
Словенија: И покрај тоа што има една од најниските стапки на социјална исклученост во ЕУ, 13,7 проценти од Словенците (264.000 луѓе) биле во ризик од сиромаштија во 2023 година, според податоците на Евростат. Додека проблемите со домувањето и кризата со трошоците за живеење го зголемуваат процентот на домаќинства кои се соочуваат со финансиски тешкотии, Словенија сè уште е под просекот на ЕУ и е на второ место зад Чешка, со стапка на AРОПЕ од 12 проценти.
Северна Македонија: Врз основа на истражувањето за приходи и животни услови, кое се спроведува во согласност со препораките на ЕУ, Државниот завод за статистика на Северна Македонија пресмета дека стапката на AРОПЕ во 2021 година е 23 проценти. Според Евростат, во Северна Македонија – земја кандидат за членство во ЕУ од 2005 година – процентот на население во ризик од сиромаштија бил највисока во 2012 година и изнесувал 26,2 отсто, по што опаднал на 21,8 проценти во 2020 година. Сепак, напредокот во намалувањето на сиромаштијата беше запрен во 2020 година поради негативните ефекти од Ковид-19 пандемијата.
Сторијата се објавува неделно. Содржината се заснова на вести од агенциите што учествуваат во ЕНР.