БРИСЕЛ – Бугарија е земјата во Европската унија која го намалила најмногу своите емисии на стакленички гасови во првиот квартал на 2024 година, додека истовремено го зголемила својот бруто домашен производ.
Според Евростат Бугарија пријавува најголем пад на емисиите на стакленички гасови за периодот од -15,2 проценти, следена од Германија со -6,7 проценти и Белгија со -6 проценти. Емисиите на стакленички гасови во ЕУ во првиот квартал на годината паднале за четири проценти на годишно ниво на 894 милиони тони еквивалент на јаглероден диоксид, известува Евростат.
Во исто време, бруто домашниот производ (БДП) на ЕУ се зголемил за 0,3 проценти во споредба со истиот квартал на 2023 година, покажуваат податоците на Евростат.
Тие покажуваат дека економските сектори кои најмногу придонеле за падот на штетните емисии се производството на електрична енергија и снабдувањето со гас (-12,6 проценти) и домаќинствата (-4,4 проценти).
Емисиите на стакленички гасови во првиот квартал на годината во споредба со истиот период во 2023 година се намалиле во 20 земји членки на ЕУ. Од Евростат исто така велат дека меѓу 20-те земји членки кои регистрирале намалување на стакленичките гасови, осум пријавиле и пад на БДП – Германија, Чешка, Естонија, Ирска, Луксембург, Холандија, Австрија и Финска, додека другите 12 – Бугарија, Белгија, Данска, Шпанија, Франција, Италија, Унгарија, Полска, Португалија, Словачка, Шведска и Хрватска успеале да ги ограничат штетните емисии и во исто време да го зголемат бруто домашниот производ.
Зголемување и на штетните емисии и на БДП пријавуваатМалта, Литванија, Латвија, Грција, Кипар, Романија и Словенија, известува Евростат.
За споредба, во третиот квартал на 2023 година емисиите на стакленички гасови предизвикани од развојот на економиите на земјите од Европската унија изнесуваат 787 милиони тони еквивалент на јаглероден диоксид, што претставува намалување од 7,1 проценти.
Според податоците на Евростат во 2023 година Бугарија ги намалила емисиите на стакленички гасови испуштени во атмосферата за скоро една петтина (-19,6 проценти), што ја одредило земањето на второто место по најголем пад по Естонија (-27 проценти), покажуваат податоците на Евростат. (16 август)