“`html
ЗАГРЕБ – Европската инвестициска банка (ЕИБ) во 2024 година ќе поддржи проекти во Хрватска во вредност што надминува една милијарда евра, што е рекордно, се истакна во петокот по состанокот на министерот за финансии Марко Приморац и претседателката на Групата ЕИБ Надие Калвињо.
Калвињо дојде во прва официјална посета на Хрватска, а во Министерството за финансии одржа состанок со потпретседателот на Владата и министерот за финансии Марко Приморац, кој ја апострофираше “многу успешната и продуктивна” соработка на Хрватска и ЕИБ. Само во досегашниот дел од оваа година се потпишани договори за поддршка на проекти вредни 630 милиони евра, а до крајот на 2024 година тоа би требало да се зголеми за уште 400 милиони евра, така што се работи за вкупна сума од повеќе од милијарда евра, што е рекордно, истакна Приморац.
“Амбицијата и целта на Владата во третиот последователен мандат е да се ориентира на дигитализација, декарбонизација, образование и демографија како клучни прашања, а во тие сегменти ја гледаме Европската инвестициска банка како значаен партнер”, порача Приморац, напомнувајќи дека со Калвињо интензивно соработувал и порано, кога била министер за финансии и потпретседателка на шпанската влада.
Приморац истакна и некои проекти кои ги поддржува ЕИБ и за чие реализирање разговарал со Калвињо, како на пример соларната електрана Корлат која ја гради ХЕП, а која е важна и во поглед на зелената транзиција. Проектите кои ги поддржува ЕИБ се простираат и во многу други сектори, па така и во железницата, на која се однесуваат споменатите 400 милиони евра ЕИБ-ов заем.
ЕИБ во декември минатата година на Хрватска и одобри рамковен заем од 900 милиони евра, со кој е предвидено финансирање и/или кофинансирање на проекти за подобрување на железничката инфраструктура и патничкиот превоз. Договорот за финансирање е потпишан во јануари 2024 година и се однесува на заем од 400 милиони евра, додека преостанатиот износ од заемот од 500 милиони евра ќе биде предмет на следните договори. (8. ноември 2024 година)
“`