Брисел – Уделот на Русија во вкупниот увоз на гас во Европската Унија во јуни 2024 година изнесуваше само 18 проценти, додека во 2021 година изнесуваше 45 проценти, изјави денеска еврокомесарката за енергетика Кадри Симсонова. Од Извештајот за состојбата на енергетската унија, кој го објави, исто така произлегува дека Европа постигнала огромен напредок во енергетската трансформација во последните пет години.
“Мерките на ниво на ЕУ и на национално ниво се исплатени и цените на електричната енергија и гас драматично паднаа во споредба со 2022 година, кога достигнаа највисоки вредности, како на големопродажниот така и на малопродажниот пазар,” се сумира во новиот извештај на Европската комисија. Сепак, според Симсонова, Европската Унија ќе треба да биде уште поамбициозна во следните пет години. “Цените на енергијата се уште се високи и влијаат на нашите граѓани и на меѓународната конкурентност на Европа,” рече таа.
Ако Европската Унија сака да ја намалува зависноста од рускиот гас, треба, според Симсонова, да има обезбедени доволно количини на снабдување од земјите-членки. Еврокомесарката исто така го поздрави фактот дека Европејците успеале да ја намалат потрошувачката на гас за 18 проценти од август 2022 година до мај 2024 година. Тоа значеше заштеда од околу 138 милијарди кубни метри гас.
Извештајот за состојбата на енергетската унија содржи и детални поглавја посветени на поединечните земји-членки. Во случајот на Чешката Република, во поглавјето насловено Клучни енергетски податоци се споменува дека “фосилни горива сочинуваат повеќе од две третини (68,6 проценти) од енергетскиот микс во Чешка (спротивно на 69 проценти на ниво на ЕУ), уделот на нуклеарната енергија е 17,9 проценти и на обновливите извори 13,5 проценти.” Кога станува збор за флексибилноста на енергетскиот систем, документот наведува дека Чешка има осум подземни складишта за гас со вкупен капацитет од 4,17 милијарди кубни метри гас. На 17 август тие биле исполнети 89,84 проценти од капацитетот.
Во 2023 година, Чешка имала два извори на снабдување со природен гас во споредба со три во 2021 година. Главниот снабдувач била Германија со удел од 98 проценти. Во 2021 година, најголемите извори на природен гас за Чешка биле Русија со 55 проценти и Германија со 38 проценти,” се наведува во документот. (11 септември)