AFP, ANSA, dpa, EFE, MIA, STA, TT
Министрите разговараа за поддршка на Украина, откако американскиот Конгрес одобри пакет помош од 61 милијарда долари, како за нови санкции против Иран за нападот врз Израел и вооружувањето на Русија.
Министрите побараа од високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика Жозеп Борел да поднесе конкретни препораки за санкции, кои ќе помогнат да се отежни трговијата со Иран со цел да се попречи производството на беспилотни летала и проектили, вклучително и санкции врз индивидуи, организации и фирми.
– Постигнавме политички договор со цел да се прошират и засилат санкциите за производство на беспилотни летала, покрај оние за проектилите и нивниот потенцијален трансфер во Русија, изјави Борел.
Тој додаде дека санкциите ќе вклучуваат производство и ќе се прошират на испорака на беспилотни летала и проектили, не само во Русија, туку и на целиот Блиски Исток и регионот околу Црвеното Море. Министрите, исто така, се согласија да ја прошират листата на санкции и за производство на делови за беспилотни летала и да се забрани на земјите членки да ги извезуваат во Иран.
Првичен политички договор за нови санкции врз Иран беше постигнат минатата недела по неодамнешната ескалација на конфликтот помеѓу Израел и Иран. Шефовите на државите или влади на самитот на Европски совет изјавија дека „ЕУ ќе преземе дополнителни рестриктивни мерки против Иран, поконкретно за производството на беспилотни летала и проектили“. Иран ѝ испорачува дронови на Русија.
На маргините на самитот, словенечкиот премиер Роберт Голоб нагласи дека „единствен начин да се постигне мир е сите да станеме свесни за нашите одговорности. Стоиме зад тој став, не само за Блискиот Исток, туку и за Украина и Русија“.
На 23 април, иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан се спротивстави на планираните санкции против неговата земја за нападот врз Израел и ги нарече „незаконски“ и „разочарувачки“. Иран го искористи правото на самоодбрана, напиша тој на платформата X и повика на санкции против Израел.
Зголемени тензии – што се случи?
Регионот е зафатен во превирања од 7 октомври кога борци на Хамас уби 1170 луѓе при напад во јужен Израел, според извештајот на АФП базиран врз израелски официјални информации.
За возврат, израелската одмаздничка офанзива досега има убиено 34.012 луѓе во Газа, главно жени и деца, соопшти Министерството за здравство во Газа на 19 април.
Светски лидери, политичари, невладини организации и цивили со месеци повикуваат на прекин на огнот.
Моќното либанско движење Хезболах, поддржано од Иран, од почетокот на војната речиси секој ден војува со Израел. Исто така, има пораст на насилство во кои се вклучени групи подредени на Техеран во Ирак, Јемен и Сирија.
На крајот на декември, Јужна Африка поднесе тужба против Израел на Меѓународниот суд на правда (ИЦЈ) со докази дека ги прекршил обврските кон Конвенцијата за геноцид со војната врз Палестинците. Судот му наложи на Израел да преземе мерки за да спречи геноцид во Газа.
Реалноста од регионална војна особено дојде до израз претходната недела по нападот на Иран врз Израел на ноќта меѓу 13 и 14 април, како одмазда за израелскиот ракетниот напад врз Иранскиот конзулат во сирискиот град Дамаск на 1 април. Во нападот, меѓу другите, загинаа двајца генерали и пет членови на иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ).
Според Израел, Иран лансирал „преку 350 балистички ракети, крстосувачки ракети, проектили и камиказе дронови“. Речиси сите проектили и беспилотни летала беа пресретнати од Израел со помош на земји како САД, Обединето Кралство и Франција.
Во услови на зголемени тензии, некои земји, како на пример Северна Македонија, воспоставија мрежи за евакуација на нивни граѓани од Израел и поширокиот регион на Блискиот Исток.
Рано на 19 април, беа забележани експлозии во централен Иран, при што американски претставници изјавија дека Израел возвраќа.
Амбасадорот на Израел во Обединетите нации, Гилад Ердан, побара од Советот за безбедност да се стави Исламска револуционерна гарда на листата на терористички организации и да се воведат сите можни санкции кон Иран пред да биде предоцна. Иранскиот претставник во ОН рече дека Техеран „немал друга опција“ освен да возврати за нападот на 1 април.
Повик ИРГЦ да се стави на листата терористички организации на ЕУ
На состанокот во понеделникот, една од темите за дискусија беше додавањето на ИРГЦ на листата на терористички организации на ЕУ.
Австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг гласаше за „доколку е возможно“, но дека тоа е „де факто“ нешто што ЕУ „веќе го прави“ бидејќи веќе има изречено санкции за индивидуални членови.
Но, прогласување на ИРГЦ за терористичка организација е предизвик. ИРГЦ прво ќе треба да е кривично гонет од национална власт за терористички активности според законите на ЕУ.
Претставници на ЕУ се во процес на разгледување на неодамнешна судска одлука донесена во Диселдорф, Германија во врска со активностите на ИРГЦ. Оваа одлука може да го отвори патот ИРГЦ да се стави на листата на терористички организации.
Министерката за надворешни работи на Белгија, Хаџа Лабиб, изрази поддршка за проширување на санкциите против Револуционерната гарда.
Министерот за надворешни работи на Литванија Габриелиус Ландсбергис, исто така, рече дека е за ограничување на воената индустрија на земјата „која се бори на два фронта“. – Колку фронтови треба да отвори Иран за сериозно да биде санкциониран, праша тој.
Парламентот на Шведска минатата година одлучи да и наложи на владата на притиска за ставање на ИРГЦ на листата терористички организации на ЕУ.
Дополнителни санкции против насилните еврејски доселеници
Главниот дипломат на ЕУ во понеделникот најави дека повторно ќе бидат разгледани дополнителни санкции кон еврејски доселеници одговорни за насилство врз Палестинците во Западниот Брег.
Во петокот, ЕУ воведе санкции против четворица еврејски доселеници и две „екстремистички“ израелски милитантни групи за насилство извршено врз Палестинци на Западниот Брег и во Ерусалим.
– Нападите врз Палестинците на Западниот Бред се во пораст. Санкциите против насилните доселеници повторно мора да се разгледаат. Претходната недела одобривме мал пакет мерки, изјави Борел откако пристигна на министерскиот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ.
Белгиската министерка ја поддржа одлуката, но ја смета за недоволна па предложи да се воведат санкции за сите кои ги вооружаат и бранат насилните доселеници. – Мора да се опфати целиот систем, нагласи таа.
Загкавени преговори за запирање на огнот, но „надежта не е изгубена“
Во врска со ситуацијата во Газа, Борел рече дека „нема напредок во преговорите за ослободување на заложниците, нема можност за прекин на огнот и нема олеснување на хуманитарната катастрофа“.
Тој додаде дека европскиот комесар за управување со кризи Јанез Ленарчич дал „неколку примери за тоа како се попречува хуманитарната помош“, иако ЕУ повикува на „непречен пристап“.
– Хуманитарната катастрофа врз Палестинците продолжува. Нагласувам дека не може да се постигне трајна стабилност во регионот сè додека трае војната во Газа, нагласи Борел.
Тој, исто така, потенцираше дека министрите се согласиле да ги поканат израелскиот и палестинскиот министер за надворешни работи, како и новиот палестински премиер, на претстојното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ.
Катарскиот премиер шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал-Тани чија земја е главен посредник во преговорите за прекин на огнот во Газа, во понеделникот изјави дека сè уште нема изгубено надеж дека ќе се постигне договор, иако преговорите помеѓу Израел и Хамас не дадоа никакви резултати.
Сторијата се објавува неделно. Содржината е заснова на вести од агенциите кои учествуваат во ЕНР.