Скопје – Шефовите на дипломатиите на Словенија, Австрија и Хрватска, Тања Фајон, Александар Шаленберг и Гордан Грлиќ Радман во заедничка изјава наведуваат дека интегрирањето на Западниот Балкан треба да биде геостратешки императив и дека сегашната геополитичка ситуација е можност и за ЕУ и за регионот да покажат поголема предвидливост, целосно да го вратат кредибилитетот на проширувањето и да ја зајакнат меѓусебната доверба.
– Преговорите со Албанија и Северна Македонија треба да напредуваат. Со Северна Македонија, следните чекори зависат од способноста на земјата да ги донесе потребните уставни измени. Последниот случај е потсетник дека земјите на ЕУ и од Западен Балкан треба да играат одговорна улога и да се воздржат од вметнување билатерални проблеми и спорови, кои не се поврзани со процесот на пристапување, се наведува во изјавата. (2 октомври)
Вархеји: ЕУ подготвува пакет за создавање услови за прием на нови членки
Брисел – ЕУ подготвува нов пакет за проширување кој ќе претставува нова алатка што ќе демонстрира дека таа е подготвена да прими нови земеји членки и да сооздаде услови за нивно членство, земјите кандидати ќе остане да да ги искористат тие можности, порача денеска европскиот комесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеји на прес-конференција на неформалниот министерски состанок за општи работи што се одржува во шпанскиот град Мурсија.
Тој нагласи дека на состанокот се утврдени конкретни активности за забрзување на проширување, преку пакет кој ќе понуди нов начин на размислување за овој процес.
– Пакетот сега вклучува 10 замји кандидати со европска перспектива. Со тоа не само што сакаме да се придвижиме напред, туку и да обезбедиме забрзана интеграција. Тоа ќе биде надградување на план за раст на Западниот Балкан, што ќе се потпира на четири столба, истакна Вархеји. (28 септември)
Почнува намалувањето на роаминг цените за дата податоци со земјите од ЕУ
Скопје – Почнува намалувањето на цените за дата податоци во роаминг на Северна Македонија со земјите од ЕУ. Граѓаните и бизнисите во земјата, како што соопшти Министерството за информатичко општество и администрација, ќе плаќаат во просек една третина помалку од цената која сега ја плаќаат во роаминг, кога патуваат во европските земји.
– Намалувањето на цените за дата податоци во роаминг, важат и за граѓаните од дијаспората и Европа, кога ќе претстојуваат во Северна Македонија. Намалувањето на цените за дата податоци во роаминг, е исполнување на Декларацијата за роаминг потпишана на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што се одржа во декември минатата година, во Тирана. Исполнувањето на оваа Декларација е и уште една поддршка од ЕУ, но и силна потврда за нашата европска иднина и интензивната соработка на земјите од Западен Балкан со земјите од ЕУ, наведува Министерството. (1 октомври)
ЕК одобри исплата на 106 милиони евра државна помош за доизградба на гасниот терминал во Александруполи
Брисел – Европската комисија го одобри барањето на Грција за исплата на државна помош од 106 милиони евра за поддршка на доизградбата на терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во грчкиот пристанишен град Александруполи, на кој преку гасовод треба да се приклучи и Северна Македонија.
Како што соопшти денеска Еврокомисијата, одобрението е издадено согласно Правилата на ЕУ за исплата на државна помош за развој на одредени економски проекти и Препораките за државна помош за заштита на климата и животната средина и за енергија.
– Грчките власти ја известија Комисијата за нејзините планови да и додели дополнителна помош на „Гастрејд СА“, оператор на новиот терминал. Мерката има за цел да му овозможи на корисникот да ја заврши изградбата на терминалот како што е планирано до крајот на 2023 година. Помошта ќе биде во форма на директен грант, се додава во соопштението. (29 септември)
МИА одбележа 25 години од работењето
Скопје – Во присуство на министри, пратеници, претставници на дипломатскиот кор и на институции синоќа Медиумската информативна агенција (МИА) одбележа 25 години од своето работење.
На прославата присуствуваа вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за финансии Фатмир Бесими, пратеници од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, како и делегации од амбасадите во земјава.
Генералниот директор на МИА Драган Антоновски во своето обраќање нагласи дека МИА е респектиран и почитуван медиум, не само во земјава, туку и надвор од неа, кој пласира точни и проверени информации со што стана бедем во борбата против дезинформациите. (30 септември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.