СОФИЈА/БУДИМПЕШТА – За да биде силна на глобалната сцена, Европа треба да биде во состојба да ја обезбеди својата безбедност сама, рече претседателот Румен Радев, кој учествуваше на самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта, цитиран од прес секретаријатот на шефот на државата.
Бугарскиот претседател посочи дека по изборите во САД трансатлантското партнерство се повеќе ќе се фокусира на прагматични решенија, што исто така го поставува прашањето за регионалната и глобалната улога на Обединета Европа, за консолидирање на нејзината одбранбена наука и индустрија и за зајакнување на соработката со соседните држави. Безбедноста на ЕУ бара храброст од лидерите за трезвена проценка на војната во Украина и итна промена на стратегијата – од победа по секоја цена кон последователни дипломатски напори за нејзино завршување, додаде Радев.
Тој забележа дека континуираните воени дејствија во Европа создаваат закана за мирот и стабилноста не само за ЕУ, туку и за целиот свет, а секундарниот ефект од нив се одразува тешко на соседните држави. Затоа според неговите зборови потребно е меѓународната заедница да пристапи кон дејства што водат до прекин на борбените дејствија, обновување на преговорите и барањето на мирно решение, во согласност со Повелбата на ООН.
Ефективното обезбедување на безбедноста на надворешните европски граници, партнерството во борбата со нелегалната миграција, со трговијата со луѓе и тероризмот, е недостижно додека земјите членки на ЕУ како Бугарија остануваат надвор од Шенген пространството, посочи бугарскиот претседател. Нашата земја одамна ги исполни сите критериуми и очекува ова прашање да биде решено што е можно поскоро, додаде Радев.
Динамичните процеси во светот бараат зголемено внимание од страна на Европската унија кон процесот на проширување, посочи уште Румен Радев. Тој забележа дека проширувањето на Обединета Европа е фактор за обезбедување на сигурноста и стабилноста во соседните региони и особено за Западните Балкани, но овој процес треба да се основа на строго исполнување на критериумите за членство, оценување на сопствените заслуги на земјите кои тежнеат кон ЕУ, градења на добрососедски односи и исполнување на сите меѓународни обврски и одлуки на ЕУ.
Претседателот повика на забрзување на процесот на социјална и економска интеграција меѓу различните земји и региони во Европа, како и за зајакнување на отпорноста на ЕУ во услови на кризи. Радев забележа дека развојот на силна и конкурентна европска економија е немислив без обезбедување на слободен и сигурен пристап до суровини и енергетски ресурси, што бара многу поактивен дијалог со соседите и партнерите на ЕУ. (7 ноември)