Брисел – Ќе направам се да обезбедам билатералните спорови од минатото да не можат постојано да стојат на патот кон нашата заедничка цел – приближување на земјите од Западниот Балкан кон Европска Унија, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во воведното обраќање на форумот „Самит ЕУ-Западен Балкан: Обновен пристап кон регионот“ во организација на бриселскиот тинк тенк „Пријатели на Европа“.
– Мојот сон е да ги имаме сите земји од Западниот Балкан во Европската Унија и да ги видиме отстранети границите и билатералните тензии, како што беше случај во многу делови од континентот, изјави Кос, додавајќи дека со отстранувањето на физичките бариери на раздвојување, многу историски тензии ќе се тргаат на страна.
Според неа, ЕУ за првпат има реален пристап со кој до крајот на мандатот на сегашната Европска комисија „до линијата на целта“ би можеле да бидат донесени една или повеќе земји кандидати за членство. – Надежта, можностите и визијата не движат сите нас сите овие години кон мирољубива и просперитетна иднина, рече Кос.
Таа нагласи дека денес мирот, слободата и просперитетот во голема мерка зависат од посилна и пообединета Европа. Според неа, не е само прашањето кога ЕУ ќе прими нови членки, туку и што можат да направат кандидатите за членство за посилна и побезбедна Европа, нагласувајќи дека процесот на проширување ќе остане базиран на заслуги и остварување, пред се во однос на владеењето на правото.
– Но, ако кандидатите за членство испорачаат, тогаш сакам да бидат наградени за тоа, додаде Кос, потенцирајќи дека новата Европска комисија е Комисија на проширување.
Според неа, во Брисел постои единство кога станува збор за изградбата на поголема и посилна Европа, но потребно е такво единство и посетеност да покажат и земјите кандидати за членство, за што е потребно соработка меѓу властите, опозицијата, граѓанскиот сектор и сите сегменти на општествата. (5 декември)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.