СТРАЗБУР – Огромните поплави кои ги зафатија делови од Европа не се аномалија, туку норма за иднината на континентот, а членките на Европската унија мораат да постигнат „безпрецедентна соработка“ за да бидат подобро подготвени за такви катастрофи во иднина, изјави во среда комесарот на Европската комисија за вонредни ситуации Јанез Ленарчиќ.
По рекордните дождови кои на делови од Европа еднодневно паднаа три до четири пати повеќе од просечната месечна количина, поплавите зафатија околу два милиони луѓе, а најмалку 16 лица ги загубија животите во Австрија, Чешка и Полска. Експертите предупредуваат дека опасноста не поминала. Од другата страна на Европа, во Португалија, пожари уништиле илјадници хектари шуми, а најмалку седум лица ги загубиле животите.
„Екстремите на кои некогаш сведочевме еднаш во животот, сега се случуваат скоро секоја година“, изјави Ленарчиќ во Европскиот парламент во Стразбур, за време на расправата која беше вметната во моментот кога унгарскиот премиер Виктор Орбан требаше да го претстави претседателството на неговата држава во ЕУ, што го откажа поради поплавите и во неговата земја.
Словенечкиот комесар рече дека последиците од климатските промени станале секојдневие за жителите на Европа, континент кој се загрева побрзо од другите, и дека ваквите „трагедии не се аномалија туку норма на нашата заедничка иднина“.
Ленарчиќ рече дека ЕУ веќе има механизми за одговор на такви ситуации, како системот за рано предупредување на поплави на Коперникус, кој во изминатите денови испратил сто илјади предупредувања, но дека се развиваат нови алатки.
„Мораме да се обединиме, да постигнеме безпрецедентна соработка“, рече комесарот од Словенија која лани исто така доживеа разорни поплави кои однесоа четири животи. Потенцираше дека државите не можат сами да се борат против тие катастрофи и дека треба да се воспостави прекугранична отпорност и заедничко управување со водните текови.
Предупреди дека трошокот на недејствување е многу поголем од вложувањето во отпорност за идни катастрофи. (18 септември 2024 година)