Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ Бојан Маричиќ за Манифестот на лидерите на политичките партии застапени во Собранието, а во врска со водењето преговори за полноправно членство во ЕУ, смета дека е уште еден повик и можност за обединување и начин да се докаже дека политичките партии имаат иста мисија и цел кога станува збор иднината на државата и граѓаните.

-Манифестот потпишан и поддржан од сите политички партии ќе биде силен доказ дека сите имаме иста мисија и цел кога е во прашање иднината на државата и граѓаните. Со заеднички глас за европската иднина да тргнеме по патот на целосно трансформирање на македонското општество, пишува вицепремиерот на Фејсбук.

Според Маричиќ, овој момент е историски за евроинтеграцијата на Северна Македонија и смета дека процесите добиваат на успех и вредност ако ги валоризираме во вистинско време. -Сега не е време за политички надмудрувања и изговори, вели меѓу другото Маричиќ. (9 август)

Припадниците на Армијата заминаа за Словенија

Скопје – Припадниците на Армијата утрово заминаа за Словенија каде треба да помогнат во санирање на последиците од невремето што ја зафати оваа држава. Согласно одлуката на Владата, во Словенија се испраќаат 100 припадници на Армијата кои ќе помогнат во санирањето на штетите што ги предизвика невремето. Помошта беше побарана од страна на Словенија преку механизамот NATO EADRCC.Припадниците на Армијата ќе останат во Словенија триесет дена каде ќе се вклучат во хуманитарната операција за санирање на штетите од невремето.

-Република Северна Македонија, како и досега, продолжува да се става на располагање и солидарно учествува во разни хуманитарни мисии и акции во погодени подрачја од природни непогоди и катастрофи, наведе Владата во соопштението што беше објавено по владината седница. (10 август)

ЕК со позитивни оцени за новиот Закон за Академија за судии и јавни обвинители

Скопје – ЕК даде позитивни оцени во скрининг Извештајот за новиот Закон за Академија за судии и јавни обвинители, што неодамна беше усвоен во Собранието, информираат од

Министерството за правда оценувајќи дека ова е големо признание од меѓународната заедница што го мониторира напредокот на Република Северна Македонија.

Законските измени беа иницирани од страна на министерот за правда Кренар Лога, а поддржани од пратениците од владејачкото мнозинство, откако претходно беа блокирани во Собранието. -Академијата за судии и јавни обвинители останува да биде светла точка во реформскиот процес на правосудниот систем, констатираше ЕК во скрининг Извештајот за Кластер 1 „Фундаментални вредности“, се наведува во соопштението на Министерството.

Со измените се овозможува стекнување на унифицирано уверение за завршена почетна обука за судија и јавен обвинител. ЕК смета дека ова претставува голема придобивка во подигање на квалитетот на селекција на најдобрите, кои се пријавени на огласите за прием во почетната обука на Академијата. Законот предвидува и воедначување на судската пракса преку зголемен обем на обуки на судиите во рамките на Академијата, како и редефинирање на начинот на полагање на приемниот и завршниот испит, врз основа на мерила и објективни критериуми за проценка на знаењата на кандидатите, пишува во соопштението. (10 август)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.