Скопје – Со високи државни почести, мирно и достоинствено, вчера во Скопје беше одбележана 151-та годишнина од раѓањето на големиот светски визионер и инспиратор на македонското револуционерно дело и државност, Гоце Делчев.
На неговиот гроб во црквата „Св. Спас“ вчера цвеќе положија државниот врв, претставници на политичките партии од власта и опозицијата, на граѓански организации и на Армијата, делегација од Бугарија, граѓани… Одбележувањето помина под силно полициско обезбедување, а неколку дена улицата која минува крај црквата „Св. Спас“ беше затворена за сообраќај. (5 февруари)
Реакција на претседателот Пендаровски на најновите случувања во македонско-бугарските односи
Скопје – Најостро го осудувам вандалскиот чин на каменување на „Македонски културен клуб – Никола Вапцаров“ во Благоевград во Бугарија, наведува претседателот Стево Пендародвски во реакција на најновите случувања во македонско-бугарските односи поврзани со настаните и изјавите од овој викенд.
Вандализам и криминал од овој вид не се европски вредности и потребна е осуда, а се разбира и откривање и соодветни казни за сторителите на овој чин, се додава во реакцијата во врска со синоќешното кршење на стаклото на Македонскиот клуб во Благоеврад.
Истовремено, како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, претседателот Пендаровски изразува жалење за инцидентите на македонската граница предизвикани од страна на група граѓани на Бугарија предводени од пратеници во нивниот Парламент.
Изразувам жалење што не сведочиме и на осуда за нападите насочени кон македонските полицајци и кон македонските институции, потенцира Пендаровски. (4 февруари)
Приведените бугарски државјани на „Деве Баир“ казнети со 300 евра и тригодишна забрана за влез во земјава
Скопје – Судот вечерва им изрече парична казна во износ од 300 евра и мерка протерување од земјава и забрана за влез во државата за период од три години на тројцата бугарски државјани, кои беа приведени денеска на граничниот премин „Деве Баир“ поради нарушување на јавниот ред и мир.
Бугарските државјани, 35-годишниот Г.З., 50-годишниот А.Х., и 54-годишниот Р.Х (54), како што соопшти МВР, биле приведени околу 12:45 часот откако се однесувале дрско и недолично и прво вербално, со најпогрдни зборови, а потоа се обиделе и физички да нападнат полициски службеници кои преземале службени дејства.
На преминот „Деве Баир“, на нашата граница кон Бугарија од утрово беа воведени засилени полициските контроли, поради најавите за доаѓање на организирани групи бугарски државјани за посета на гробот на македонскиот револуционер, Гоце Делчев, на одбележување на 151-та годишнина од неговото раѓање.
Во еден период од денот, поради пад на системот за контрола на граничниот премин „Деве Баир“ за влез во земјава се чекаше неколу часови. (4 февруари)
В понеделник почнуваат преговорите со стратешкиот партнер за Коридорот 8
Скопје – Владата на денеска донесе одлука со која го задолжи Комитетот за преговори за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 да ги започне преговорите со стратешкот партнер на 6 февруари 2023 година.
Како што соопшти владината Прес-служба,
Владата на предлог на Комитетот за преговори за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8, го задолжи преговачкиот тим за сите детали и услови на Договорот за градење за проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и за Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола), да ги започне преговорите со стратешкот партнер на 6 февруари 2023 година.
За исходот од преговорите е заклучено преговачкиот тим да состави Извештај, што ќе го достави на разгледување и одобрување до Комитетот за преговори, во рок од 21 ден од денот на завршување на преговорите, се нацедува во соопштението од одржаните 124-та и 125-та владина седница. (3 февруари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.