Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Проблемите во правосудството се присутни долги години наназад и се системски, односно структурни. Тие не се решаваат со неколку разрешувања или кадровски промени, туку со системски промени, оцени претседателот Стево Пендаровски.

– Станува збор за системски проблем и тој може да се реши или да се ублажи само со системски промени. Една од тие системски промени, е комплетниот ветинг во правосудниот систем и жалам што, слушајќи ги советите на високите европски функционери во 2016 и 2017 година, кога се промени структурата на власта, ние не влеговме во тој процес. Гледајќи ги ефектите од немањето ветинг во Македонија, мислам дека не можеше да биде полошо во таа смисла ако направевме комплетен ветинг, подвлече претседателот Пендаровски говорејќи за владеењето на правото, во гостување во „Тема на денот“ на телевизија Сител. (9 јануари)

Гир: Доколку го следите патот што го договоривме заедно, ќе се приклучите во ЕУ

Скопје – ЕУ јасно ја истакна својата посветеност на евроинтеграцијата на Северна Македонија и регионот на Западен Балкан. Пристапувањето во ЕУ зависи од спроведувањето на реформите, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир.

Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија. Фото: МИА

– Доколку ги спроведувате реформите, доколку го следите патот кој што го имаме заедно договорено ќе се приклучите во ЕУ. Тоа ќе биде еден предизвик од страна на ЕУ ние да ги исполниме обврските кои што ги дадовме и доколку се разбира се исполнети обврските од ваша страна, подвелече амбасадорот Гир прашан дали проширувањето со Западен Балкан и Северна Македонија е се подалеку од ЕУ во услови кога уставните измени се чинат како невозможна мисија, а во ЕУ во пресрет на изборите за Европскиот парламент европската десница се повеќе зема замав. (10 јануари)

Јан Коп: Посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена поради падот на владеењето на правото

Скопје – Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп на средба со лидерот на ДУИ Али Амети ја пренел порака дека посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена по постојаниот пад во владеењето на правото во земјава.

– Амбасадорот Дирк Јан Коп се сретна со лидерот на ДУИ Али Ахмети за да ја пренесе пораката дека по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ политичкиот спектар, објави Холандската амбасада.

Во објавата се посочува и ставот за политичкото влијание врз претседателката на Врховниот суд Беса Адеми. – Неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија, стои во објавата. (10 јануари)

Армијата ќе добие девет милиони евра во опрема од Европскиот мировен фонд

Скопје – Министерката за одбрана Славјанка Петровска и директорот на словенечката организација за унапредување на човековата безбедност – ИТФ, Томаж Ловренчич денеска потпишаа Меморандум за разбирање за првиот билатерален проект помеѓу земјава и Европскиот мировен фонд. Со тоа почнуваат активностите за реализација на поддршката во опрема за пешадиската баталјонска група на нашата Армија во вредност од девет милиони  евра.

Потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Северна Македонија и Европскиот мировен фонд. Фото: МИА

– Овие средства ќе бидат искористени за набавка на логистичка опрема, медицинска опрема, комуникациски-информатички системи, разузнавачки капацитети, инженерска опрема и опрема за изведување обуки, информира Петровска на прес-конференција по потпишувањето на Меморандумот.

Согласно Меморандумот,  при набавката на опремата која ќе ја реализира ИТФ консултиран е Генералштабот на Армијата, а во согласност со потребите на земјава, но и највисоките НАТО стандарди. (10 јануари)

Ирскиот премиер Варадкар в петок во официјална посета на Северна Македонија

Скопје – Премиерот на Ирска, Лео Варадкар утре ќе престојува во официјална посета на Северна Македонија.

Како што соопшти владината прес-служба, ирскиот премиер ќе биде пречекан во Владата со највисоки државни почести од македонскиот премиер Димитар Ковачевски. (11 јануари)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.