Охрид, 1 септември 2023 (МИА) – Ниту еден официјален претставник на ЕУ не рекол дека Западниот Балкан нема да влезе во ЕУ се додека Унијата внатрешно не се доуреди, изјави претседателот Стево Пендаровски за време на неговата посета на Охрид.
– Ние што подолго ги следиме процесите на европските интеграции знаеме дека тоа не е ништо ново. Макрон на почетокот на својот говор, специфично во тој дел каде зборува за внатрешно преуредување на ЕУ вели: ова што го кажувам сега ви го кажав и пред пет години. Тоа е неговата стара идеја за продлабочување, пред проширување или продлабочување со проширување, рече Пендаровски.
Притоа тој нагласи дека францускиот претседател Емануел Макрон нема ниту една изјава во која вели дека Западниот Балкан не треба да влезе во ЕУ пред да се спроведат реформите во самата Унија.
Ковачевски: Сите во Парламентот имаат обврска да го поддржат евроинтегративниот пат, нема да фалат пратеници за уставните измени
Скопје, 3 септември 2023 (МИА) – Премиерот Димитар Ковачевски верува дека пратениците ќе го поддржат евроинтегративниот процес на државата и дека нема да фалат пратеници за изгласување на уставните измени.
Ковачевски денеска повтори дека двотретинското мнозинство е потребно за понатамошното продолжување на евроинтегративниот процес на земјава. – Пратеници не и требаат на Владата или на мене. За да бидете претседател на Влада и за да се изгласа Влада потребни се 61 пратеник. Оваа Влада има 65 пратеници со кои е изгласана. Две третини мнозинство е потребно за понатамошно продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата. Сите членови на Парламентот имаат обврска да го поддржат европското движење на државата. Тоа го сакаат нашите граѓани и тоа го сакаме и ние, рече Ковачевски.
Маричиќ: Сега е време да се носат одлуки за ЕУ, во декември се очекува пакетот за проширување
Скопје, 2 септември 2023 (МИА) – Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изјави дека во декември во Брисел се очекува да се расправа и да се донесе одлука за почеток на преговори и за Украина и Молдавија, на која ќе се додадат уште четири држави коишто веќе преговараат за членство со Европската Унија.
– Тоа не значи дека некому е нешто гарантирано или дека мора да биде, туку едноставно се дава прилика, шанса овие држави да фатат залет и да ги завршат преговорите пред 2030 година. Тука е нашата прилика, тука е нашата шанса и треба првиот момент кога ќе се отвори портата за нови членки на Европската Унија, а тоа очигледно ќе биде 2030 година, ние да бидеме на бината со новите држави членки, порача Маричиќ.
Маричиќ рече дека но она што е ново и е пресвртница во пораките од ЕУ е дека првпат по зачленувањето на Хрватска се дава временска одредница 2030 година за следното проширување.
Габриел: Скопје треба да ги исполни обврските што ги презеде
Софија, 2 септември 2023 (МИА) – Позицицијата на Бугарија кон Северна Макеоднија е много јасна – да се исполнат обврските договорени и прифатени во јули 2022 година, изјави бугарската вицепремиерка и шефица на дипломатијата Марија Габриел.
– Бугарија ќе продолжи многу јасно да ја брани својата позиција, да потсетува дека стоиме зад исполнувањето на сите услови поврзани со компромисот од јули 2022 година, јасно да се спротивставиме на обидите за лажни информации и дезинформации дека Бугарија има нови услови, а во меѓувреме јасно да опстојуваме на нашиот јазик, култура и идентитет, рече Габриел во одговор на пратеничко прашање во бугарското Собрание. На пратениците им порача дека Народното собрание на Бугарија може да продолжи да биде многу корисно, но не е во надлежност на ниту еден законодавно тело да се произнесува за вакви теми.
Стартува новата ИПАРД 3 програма наменета за модернизација на земјоделството во вредност од 97 милиони евра
Скопје, 3 септември 2023 (МИА) – Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјодлество Љупчо Николовски денеска го означија почетокот на новиот ИПАРД 3 проект за модернизација на земјоделството во вредност од 97 милиони евра.
Ковачевски во своето обраќање посочи дека целта на оваа програма е многу поголема реализација и целосна искористеност на средствата кои ЕУ ги одвојува за државава. – Наша цел е со новата ИПАРД 3 програма уште поголема реализација и искористеност на средствата што го имаме добиено од ЕУ и затоа предвидуваме и можности за авансна исплата за да ги мотивираме нашите земјоделци. Но, крајната цел е нашите земјоделци, нашата економија да доживее напредок, да доживее развој преку остварувањето на полноправното членство во ЕУ, бидејќи влезот во ЕУ ќе донесе уште поголеми придобивки и носи уште повеќе финансиски средства од фондовите на ЕУ, рече Ковачевски.