Киев – Изразуваме почит и поддршка кон украинскиот народ, за храброста, истрајноста и решителноста да ја одбрани сопствената територија, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната прес-конференција по средбата со нејзиниот украински колега Олексеј Резников во Киев.
Ваков чин на брутална агресија и терор врз цивилно население, деца, жени, стари лица се незамисливи за која било цивилизација во 21-от век. Затоа од самиот почеток, Владата на Република Северна Македонија ја осуди руската агресија врз Украина, која е неоправдана и со ништо не е испровоцирана. Без двоумење застанавме на страната на правдата и човечкото достоинство, на страната на вистината, рече Петровска.
Таа упати порака до украинското лидерство и украинскиот народ дека Северна Македонија силно ја осудува руската агресија врз Украина и даде полна поддршка за нејзиниот суверенитет и правото на самоодбрана. (22 февруари)
Владата усвои сет итни мерки за градење отпорност и киберзаштита на институциите од јавниот сектор
Скопје – Владата на денешната седница на предлог на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска усвои сет мерки за подобрување на безбедноста на информациските системи во институциите кои ќе се имплементираат во најкраток рок во секоја институција во јавниот сектор.
Овие мерки, како што информираат од владината прес-служба, следуваат по серијата активности за координација со донаторите и чинителите во областа на кибербезбедноста, а со цел градење отпорност кај јавните институции кои сè почесто се цел на кибернапади, а чија цел е оневозможување на системите кои даваат услуги кон граѓаните и има директни, видливи и сериозни последици врз нивниот живот.
Во таа насока, Владата ги задолжи органите на државната управа, а им укажа на институциите кои не се органи на државна управа, да определат лице одговорно за информациска безбедност во нивните организации со цел навремено пријавување на инциденти и размена на информации за инциденти, ранливост, закани и ризици поврзани со безбедноста на информациските системи до Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT. (21 февруари)
Предметите „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ ќе добијат интензитет, уверуваат од Кривичен суд
Скопје – На предметите „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ ќе им се даде интензитет во следниот период, уверуваат од Кривичен суд.
Прашани за ризикот од застарување на делата и дали може да се забрзаат овие предмети, од Основниот кривичен суд, денеска на брифинг со медиуми, велат дека и двајцата судии кои постапуваат по предметите изразиле уверување дека ќе им се даде интензитет.
Судењето за „Таргет-Тврдина“ е закажано за 28 февруари, затоа што судијата постапува и по „Траекторија“ и други предмети. Но, официјален став на судијата е дека и на тој предмет и на „Трезор“ ќе им се даде интензитет во следниот период. Затоа што се работи за два предмети со исти обвинети и мора да има координација, посочуваат од Кривичен. (21 февруари)
Македонците над европскиот просек според познавањето странски јазици
Скопје – Северна Македонија е над европскиот просек според познавањето странски јазици. Во земјава јазик различен од мајчиниот зборуваат 68,3 отсто од граѓаните.
Според податоците на Евростат што ги објави Еуроњуз по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, во Европа околу 65 отсто од населението знае барем еден странски јазик. За споредба, во САД само околу 20 отсто од возрасната популација зборува друг јазик.
Постојат значителни варијации меѓу регионите на Стариот континент. Во нордиските земји голем процент од луѓето знаат најмалку два јазика, додека во Јужна Европа тоа не е случај.
Спротивно на тоа, во Велика Британија, Босна и Херцеговина, Романија, Албанија, Унгарија и Бугарија помалку од 50 отсто од луѓето се повеќејазични. (23 февруари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.