Скопје – Во рамки на официјалната посета на делегација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на Италија, предводена од директорот Петар Богојески, во Рим е потпишан Меморандум за соработка меѓу македонската и италијанската Национална агенција, предводена од директорката Федерика Целестини Кампанари.
Овој стратешки документ претставува темел за унапредување на билатералната соработка во областите на образованието, науката, младите, спортот и културата, со што се отвораат нови перспективи за директна поддршка на македонските универзитети, училишта, младински организации и компании преку европски фондови од Брисел, чии финансиски капацитети се значително повисоки од оние кои се достапни преку националните програми.
– Потпишувањето на ваков документ со една од основачките и водечки земји членки на Европската Унија, Италија, претставува чин од особена важност за Република Македонија. Истовремено, тоа е јасен сигнал за проширување на европската солидарност и зацврстување на меѓусебната доверба и партнерство на полето на образовниот и научниот развој, соопшти Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Со овој договор, македонските корисниците ќе добијат непосреден пристап до институционални мрежи, програми и партнери од Италија, со можност за заедничка реализација на проекти и иницијативи од европски ранг.
– Ова партнерство претставува уште еден чекор напред во заложбите на Националната агенција за создавање нови можности за македонските граѓани, во духот на европските вредности, меѓународната соработка и одржливиот развој, се додава во соопштението. (11 јуни 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
