Скопје – Предлогот за реконструкција на Владата, чиј кабинет се проширува со кадри од Алијанса за Албанците (АА), а се намалува со тие од „Алтернатива“, е на дневен ред на 104. седница на Собранието.
На седницата ќе се расправа и одлучува за избор на четворица нови министри и петмина заменици министри, по одлуката за влез на АА во владиното мнозинство. Во пресрет на денешната седница, „Алтернатива“ ја соопшти одлуката на Централното претседателство дека ќе делува како опозиција, нивните функционери ќе се повлечат од функциите, но доколку има уставни измени ќе ги поддржат.
Премиерот Димитар Ковачевски очекува конструктивна дебата во Собранието и усвојување на неговиот предлог од мнозинството во Собранието за Владата да продолжи на остварување на програмата што ја има зацртано до редовните избори во 2024 година.
(13 февруари)
Грковска: Судиите и обвинителите мора да носат независни и одговорни одлуки
Скопје – Владата е сериозно посветена на справување со корупцијата, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро валдеење Славица Грковска.
-Корупцијата е реален проблем, од начинот на кој се справуваме со неа зависи економскот просперитет на нашата држава и затоа мора сите заедно, Владата, правосудниот систем, законодавната власт, граѓаните, медиумите, граѓанскиот сектор да го решаваме. Во повеќе наврати сум кажала дека овој проблем не може да го реши никој самостојно, треба сите заедно, координирано и со системски пристап.Само на тој начин ќе имаме вистински успех, нагласи Грковска.
Таа укажа дека кога се анализираат мерењата на корупцијата мора да се има предвид фактот дека денес отворено се зборува за корупцијата. Северна Македонија оваа година, на индексот на корупција, забележува подобрување две позиции во однос на минатата година, што не е доволно, но факт е дека има одреден напредок.
-Обвинителството и судството имаат уставно загарантирана независност, токму затоа мораат независно, професионално и одговорно да ги носат одлуките. Независноста на судството, дражавата ја дава, но судиите и обвинителите треба да ја негуваат и унапредуваат, дополнително, не може таа независност да биде параван за тие да носат целосно, би рекла „зависни“ и „матни одлуки”, нагласи вицепремирката Грковска. (12 февруари)
Македонски и грчки туристички потенцијали како една дестинација на саем за туризам во Милано
Скопје – Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) со туристичката организација на Солун и италијанско – грчката комора се претставија на саемот „BIT – MILANO”, во Италија како една дестинација за туристите од овој дел на Европа.
Северна Македонија и 12 локации во Грција се претставени од птичја перспектива со помош на технологијата на дронови, преку проектот „Од горе“, што се реализира преку европските фондови. Целта е да се прикажат најдобрите природни и географски знаменитости на спектакуларен и досега несоодветен начин.
-Силна порака за туризмот и туристичката дипломатија со заедничко претствување на македонските и грчките туристички потенцијали како една туристичка дестинација, комплементарна со атракции овозможувајќи голема конкурентност и можност за поголем број туристи и ноќевања во следните неколку години, вели во пишана изјава Љупчо Јаневски, директор на АППТ. (13 февруари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.