Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Охрид – Меѓународниот поредок повеќе не е заснован на меѓународното право, а уште помалку на правда, етика и морал, туку отворено се повикува на моќ, оружјето не мирува, туку се активира, дебатата за хармонијата со природата стивнува, евроатлантицизмот не е синоним за усогласена и солидарна алијанса, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето на традиционалниот годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор во Охрид.

– Во анархичниот меѓународен систем, во отсуство на спреги и кочници, неограничената и несанкционираната моќ има тенденција да расте, па и релативно силниот станува слаб во однос на суперсилниот. Токму затоа, малите држави заедно со средните мора да бидат најгласните поддржувачи на мултилатерализамот во ера на разгоропаден мултиполаризам, старо-нови голијати, па и  неоунилатералистичка геополитичка, економска и енергетска доминација, кажа Сиљановска – Давкова. 

За годината што изминува таа посочи дека Македонија била кредибилен ЕУ партнер, одговорна, активна и кредибилна членка на НАТО, докажан фактор на стабилност во регионот.

– Ние не можеме да бидеме Пенелопа којашто, чекајќи го Одисеј, нон стоп го менува уставот, на барање на некој однадвор, заборавајќи дека е закон над законите, односно lex superior, којшто треба ретко и со рака што трепери да се менува… Како е можно, односно не е ли хипокризија и цинизам да се повикуваш на национален уставен патриотизам и на консензусот како брана од промена на конститутивните акти на ЕУ, а да бараш од една држава да исполни „само уште еден услов“, да направи „само уште една отстапка и уставна промена“, оти така сакал соседот, така препорачувал известувачот или Европскиот совет, рече таа притоа истакнувајќи ја тежината на живеењето во перманентна неизвесност.

Чудно е, наведе Сиљановска-Давкова, „да се повикуваш на Копенхашки критериуми, а да инсистираш на балкански барања, да очекуваш реформи и владеење на правото, а да толерираш билатерализација, ветоизација и двојни стандарди. Демократијата се учи од демократи и со демократи. Довербата се гради преку разбирање и помагање, а не преку условување и уцени“. 

Во услови на реални воени ризици, но и со климатски, енергетски и економски потреси, бебедноста, како што рече, не е само прашање на географија и територија – туку и на отпорност на институциите, стабилност на општеството и доверба на граѓаните.

– Ние сме мала држава, но културно и духовно компетитивна актерка. За нас, како и за сите вас, идентитетот не е аргумент против ЕУ, туку аргумент за ЕУ, затоа што Европа е богата токму поради својата различност… Колку пати сме докажале дека може да бидеме партнер којшто персонифицира вредности, а не проблеми, иако постојано не третирате како проблематични – рече Сиљановска – Давкова.

За проширувањето на ЕУ рече дека не е тест само за кандидатите, туку и за европскиот демократски капацитет и кредибилност, со забелешка дека ако правилата важат различно, тогаш тие се инструмент на политичка арбитрарност.

– Конечно, Западниот Балкан не е проблем на апсорпциониот капацитет на Унијата. Напротив, интеграцијата на регионот е прашање на безбедност, на стабилност и на геополитичка рационалност во време на растечко геополитичко ривалство, рече претседателката притоа нагласувајќи дека добрососедството не смее да биде алиби за блокада, дијалогот не смее да се претвори во инструмент за условување, Европскиот процес не смее да се претвори во арена во која билатералното ќе го диктира европското, рече претседателката.

Таа уште истакна дека ако проширувањето стане механизам во кој секој нов член добива право да го „редефинира“ патот на следниот, тогаш Унијата ќе го загуби она што ја прави Унија: принципот на правна предвидливост и еднаквост.

– Се поставува прашањето: дали европската интеграција е процес што ги европеизира кандидатите, или процес што ризикува да ја балканизира европската политика на проширување? Ние не бараме посебен третман. Не бараме привилегија. Бараме проширувањето да се врати таму каде што припаѓа: во рамката на Копенхагенските критериуми, во рамката на меритократијата, во рамката на реформите и владеењето на правото. Само така, европската перспектива ќе остане кредибилна. Само така, надежта ќе остане рационална, а не сентиментална. И само така, ЕУ ќе ја добие битката за инспиративен, почитуван меѓународен актер, истакна Сиљановска-Давкова.

 (21 јануари 2026)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.