Скопје – Соработката меѓу Северна Македонија и Словенија во континуитет е без отворени прашања, базирана на традиционално пријателство, силно стратешко партнерство и долгогодишна конструктивна поддршка како на политички така и на економски план, заклучиле министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши и словенечкиот вицепремиер и министер за труд, семејство, социјални прашања и еднакви можности, Лука Месец на денешната билатерална средба.
– Во рамки на економската соработка меѓу Северна Македонија и Словенија ми е задоволство да кажам дека во изминатиот период не се регистрирани поголеми потешкотии или отворени прашања во однос на условите во кои се одвиваше трговската размена, истакна министерот Дурмиши.
Дурмиши и Месец разговарале за продлабочување на соработката помеѓу двете земји во процесот на ревизија на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, кој ја регулира работата на Агенцијата за вработување, но и правата по основ на осигурување во случај на невработеност која е започната во 2021 година како можност за добивање експертска поддршка од Словенија за финализирање на овој процес.
– Со оглед на природната миграција во балканските земји, особено кон оние кои се во ЕУ, имаме интерес и за склучување на билатерален договор со Словенија за посредување за вработување, што би се одвивало помеѓу двете национални агенции за вработување. Целта ни е да се овозможи поедноставена процедура на вработување помеѓу двете земји, со истовремена заштита на работниците и нивните права при вршењето на привремената работа, нагласи Дурмиши.
Двајцата министри се договориле за продолжување на соработката во областа на трудовото право и политиките за вработување со цел Северна Македонија да биде во тек со движењата на пазарот на труд, по угледот на современите економии. (12 декември)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.