by enr with AFP, AGERPRES, APA, BTA, CTK, dpa, EFE, STA
Во средината на септември, Германија ги прошири граничните контроли на границите со сите свои девет соседи во надеж дека ќе го ограничи протокот на нелегални мигранти за да се справи со заканите од исламистичките терористички групи и прекуграничните криминални организации. Овој потег предизвика протести од другите членки на ЕУ.
Германија се наоѓа во срцето на Европа и на Шенген зоната, која е дизајнирана да овозможи слободно движење на луѓе и стоки, како централна идеја на европскиот проект.
По смртоносните напади со нож во германските градови Манхајм и Солинген, кои предизвикаа бес и ужас, се интензивираа повеќегодишните дебати за начините за справување со проблемот со мигрантите кои бараат азил во Германија.
Осомничениот напаѓач во Солинген е сириски државјанин, ја избегнал наредбата да биде депортиран од Германија во Бугарија, од каде влегол во ЕУ.
Полска, Австрија и Грција се меѓу земјите кои се противат на воведувањето на гранични проверки, кои првично треба да траат шест месеци.
Полскиот премиер Доналд Туск го осуди потегот како „неприфатлив“, а неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис во интервју за Толк Радио рече дека „едностраното укинување на Шенген“ не е одговор.
Чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракушан изјави дека не очекува никаква промена на чешко-германската граница.
Контролите на германските граници со Полска, Чешка, Австрија и Швајцарија веќе беа во сила од претходно, а сега беа проширени и на границите со Франција, Луксембург, Холандија, Белгија и Данска.
Со националните избори кои треба да се одржат во Германија следната година, нападите во земјата дополнително го интензивираа политичкиот притисок врз Владата на канцеларот Олаф Шолц да го заостри својот став кон мигрантите и барателите на азил.
Но, ова не е случај само во Германија: Успехот на екстремно десничарските партии на изборите во клучните европски земји, поттикнаа и други центристички и левичарски влади да ги затегнат политиките за миграција, создавајќи пукнатини во европското единство и предизвикувајќи загриженост кај активистите.
Експерти: Граничните контроли нема да ја спречат илегалната миграција
Високиот комесар за бегалци при ОН, Филипо Гранди, во интервју за германскиот дневен весник „Штутгартер Цајтунг“ изјави дека постојат „алтернативи на рестриктивните мерки“, како што е недозволувањето влез на нелегалните мигранти. – Враќањето на граничните контроли нема да ги обесхрабри најочајните, додаде тој.
– Повторното воведување на привремена внатрешна гранична контрола во Шенген зоната е речиси автоматска последица на недостигот на разбирање на тоа на кого му е дозволено да влезе и за која цел, изјавил Жан Луј де Бруве, директор за европски прашања на Институтот за меѓународни односи „Егмонт“ во Брисел, .
Според него, како што пренесе романската новинска агенција Аџерпес, повторното воведување на внатрешна гранична контрола, на еден или друг начин, „би било штетно за внатрешниот пазар“ на ЕУ. Тој верува дека наскоро, можеби и на наредниот Европски Совет, земјите членки да мора да одговорат на многу тешкото прашање: дали сакаат да ја задржат Шенген зоната или не.
Експертот за миграции Гералд Кнаус не очекува зајакнувањето на граничната контрола на сите германски копнени граници да доведе до забележливо намалување на бројот на баратели на азил. – Сите оние кои очекуваат граничните контроли да ја намалат нерегуларната миграција креираат нереални очекувања, изјави Кнаус за германско радио Дојчландфунк .
Според некои истражувања, граничната контрола не е решение за спречување на исламистичкиот тероризам, затоа што, на пример, повеќето од сторителите на нападите биле радикализирани во Германија.
Што е Шенген и кој се е дел од зоната?
Безграничната Шенген зона го обезбедува слободното движење на повеќе од 425 милиони граѓани на ЕУ и државјани од трети земји, кои легално живеат, работат, патуваат или учат во Европската Унија.
Именувана според мало селце во Луксембург, Шенген зоната првично во 1985 година беше меѓувладин проект помеѓу пет земји – Луксембург, Германија, Франција, Белгија и Холандија.
Шенген зоната се прошири во бранови и сега ги вклучува повеќето земји на ЕУ, освен Кипар и Ирска, како и други земји кои не се дел од ЕУ – Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн. Денес таа е најголемата зона на слободно движење во светот.
Според Советот на Европската Унија, 3,5 милиони луѓе дневно ги преминуваат внатрешните граници на ЕУ.
Иако одлуката на Германија беше контроверзна, таа не е единствената земја од Шенген зоната, која има воведено гранична контрола. Австрија, Данска, Франција, Италија, Норвешка, Словенија и Шведска, исто така, имаат воспоставено привремени контроли.
Европски суд на правдата во 2022 година пресуди дека една земја членка на ЕУ може да ги продолжи привремените гранични контроли само ако се соочи со нова закана која влијае на нејзиниот јавен ред или нејзината внатрешна безбедност, која е различна од закана која првично е идентификувана.
Бугарија и Романија: Полу внатре, полу надвор?
На 31 март Романија и Бугарија делумно се приклучија на Шенген зоната. Контролите на внатрешни поморски и воздухопловни патувања беа укината, додека остана копнените гранични контроли. Политичари од ЕУ очекуваат нивно целосно членство до крајот на годината.
Во декември минатата година, Австрија беше единствената земја од ЕУ која не го поддржуваше целосното укинување на граничните проверки на бугарската и романската шенген граница.
Земји, како што Шпанија и Словачка, гласаа Бугарија и Романија да станат полноправни членки на Шенген зоната.
– Многу ми е мило што во 2024 година внатрешните контроли по воздух и на вода помеѓу Бугарија и Романија и другите Шенген земји ќе станат минато, по 12 години преговори, изјави лани шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде Марласка за време на шпанското претседавањето со Советот на ЕУ.
За време на неговата посета на Австрија, словачкиот претседател Петер Пелегрини рече дека пристапувањето во Шенген на двете земји е „важно“ за инвестициите и ефективна заштита на надворешните граници на ЕУ.
Раководителката на Претставништвото на Европската комисија во Бугарија, Јорданка Чобанова, минатиот вторник во Софија изјави дека одлуката за целосно вклучување на Бугарија и Романија во Шенген зоната се очекува до крајот на годината.
Во јули, истражување од Институтот за економија при Бугарската академија на науките (БАН) покажа дека директните загуби на Бугарија од одолговлекувањето на целосното пристапување во Шенген зоната изнесувале 400 милиони евра.
Шенген и миграцијата: Австриското вето и нејзиното ново портфолио за миграција
Австрија веќе нема да може да ги користи проблемите со миграцијата како изговор за да ги блокира Бугарија и Романија од Шенген зоната, оцени романскиот европратеник Зигфилд Мурешан, кој е воедно и заменик-претседател на Европска народна партија (ЕПП), во изјава за Бугарската новинска агенција (БТА) дадена во Стразбур.
– На Австрија ѝ беше доделено портфолиото за внатрешни работи и миграција, така што ќе ги има потребните алатки за справување со миграција. Решението на овој проблем ќе зависи од нивниот еврокомесар, потенцира Мурешан.
Новиот австриски еврокомесар и актуелен министер за финансии Магнус Брунер е член на Австриската народна партија, која и припаѓа на десно центритичката група во Европскиот Парламент, ЕПП.
Одлуката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за доделување на ресорот миграција на Брунер, во Брисел се оценува како контроверзно, бидејќи тој има малку искуство по ова прашање.
Коментирајќи го противењето на Австрија на пристапувањето на Романија и Бугарија во Шенген и фактот дека ресорот за миграција и внатрешни работи е доделен на Австриец, портпарол на Комисијата изјави дека комесарите не ја претставуваат земјата членка од која потекнуваат, туку дека ќе работат да придонесат кон проектот на ЕУ во интерес на сите европски граѓани.
Новите европски комесари сè уште треба да го минат „прегледот“ од страна на Европскиот парламент, пред новата Комисија конечно да биде потврдена. Досегашната практика покажува, дека не сите кандидати го поминуваат „прегледот“, па земјите чии кандидати нема да бидат одобрени ќе треба да номинираат нова личност.
Сторијата се објавува двапати неделно. Содржината се заснова на вести од агенциите што учествуваат во ЕНР.