Брисел – Одбраната на ЕУ е од големо значење за Европа и за европската безбедност, но исто така и за НАТО, бидејќи таа е нераскинливо поврзана со трансатлантската безбедност, порача денеска заменичката генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска во обраќањето на Годишната конференција на Европската безбедносна агенција во Брисел.
Шекеринска потенцира дека зајакнувањето на соработка меѓу НАТО и ЕУ е од суштинско значење и треба да биде заедничка цел во услови кога и двете организации се соочуваат со „жестоки конкуренти кои ја предизвикуваат и нашата безбедност, но и нашиот начин на живот“.
– Тука е Русија, која очигледно е во воен режим. Токму оваа година, Русија планира да потроши една третина од својот национален буџет за одбраната и ова е навистина рекордно високо ниво. Нејзината воена индустрија деноноќно произведува оружје. Тука е и Кина, која значително ги зголемува своите сили. Таа инвестира многу во муниција и во немировни технологии и нетранспарентно го проширува својот нуклеарен арсенал, без ограничувања и јасни намери. Во меѓу време, се уште постојат и многу други опасности: од тероризмот до ширењето на нуклеарното оружје, но и климатските промени, истакна Шекеринска.
Според неа, потребно да се инвестира повеќе и подобро во одбраната и да се забрза производството на основните одбранбени капацитети.
– Сојузниците на НАТО ги зголемија трошоците за одбрана во последниве години. Значи, две третини од сите членки на НАТО сега трошат најмалку два проценти од БДП за одбрана. И ова е дефинитивно добра вест. Но, лошата вест е дека два повеќе не се ни приближно доволни. Сојузниците ќе треба да потрошат многу повеќе од два проценти за да ги обноват нашите резерви, да го добијат потребното оружје со голем дострел и системи за противвоздушна одбрана и да ги интегрираат напредните технологии во нашите вооружени сили. Ни треба сето тоа, и повеќе, за да останеме безбедни во годините што следат, додаде Шекеринска.
Според неа, ако Западот не троши „повеќе и подобро“, ризикува да заостане зад Русија, а во тие напори своја улога игра и ЕУ со зголемување на сопствената одбранбена подготвеност и зајакнување на европската одбранбена индустриска база.
– Од суштинско значење е да работиме во тандем. Мора да избегнеме дуплирање на постоечките структури и создавање нови бариери меѓу сојузниците. Тоа само ќе ги зголеми трошоците, ќе го комплицира производството и ќе ги попречи иновациите. Тоа не е во наш интерес, особено кога Русија, Кина, Северна Кореја и Иран ја зголемуваат својата одбранбена индустриска соработка на навистина невидени нивоа, порача Шекеринска. (22 јануари)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
