Мадрид/Брисел – Претседателот на Владата на Шпанија, Педро Санчез, денеска објави дека Шпанија веќе формално побарала помош од Европскиот фонд за солидарност од Брисел за справување со уништувачките последици од ДАНА во источниот и јужниот дел на земјата, иако не прецизираше за кој износ.
“Веќе формално побаравме од Европската комисија помош од Европскиот фонд за солидарност,” изјави Санчез на прес-конференција по завршувањето на Советот на министри на шпанската влада, на кој беше усвоен цел пакет мерки за помош на опустошените области во износ од 10.600 милиони евра.
“Како што знае Европа, Шпанија секогаш била конструктивна земја која ја помагала Европската Унија кога било потребно. А сега, логично е, е време Европската Унија да ни помогне,” бранеше премиерот на шпанската влада.
Европскиот фонд за солидарност (ЕФС) располага со буџет до 1.144 милиони евра годишно на кој може да се прибегне во случаи на природни катастрофи како таа предизвикана од ДАНА во Валенсија, но чијa исплата не е веднаш, туку може да се одложи неколку месеци.
За да се пристапи до него, националните власти на засегнатата држава членка треба да поднесат барање во рок од 12 недели од датумот на првите штети предизвикани од катастрофата, прв чекор што веќе би го направила шпанската влада.
Потоа, задача на Европската комисија е да ја оцени апликацијата и, штом биде прифатена, да предложи износ на помош на Европскиот парламент и Советот, кои треба да ја одобрат. Износот на помошта се одредува во зависност од вкупните директни штети во однос на БДП-то на засегнатата земја или регион и, откако се усвои, истата треба да се искористи во рок од 18 месеци од датумот кога Комисијата ќе го исплати целиот износ.
Откако ќе се исплати помошта, засегнатата држава е одговорна за нејзината имплементација, вклучително и селекцијата на операциите и нивната ревизија и контрола, иако мерките за итни случаи може да се финансираат ретроактивно од првиот ден на катастрофата.
Од друга страна, Санчез објави дека владата побарала од Европскиот совет и Европарламентот “итно одобрување на нов регламент наречен Рестор” што би овозможил “препрограмирање на кохезивните фондови ФЕДЕР и ФСЕ+, за посветување дел од тие ресурси на ублажување на штетите предизвикани од природни катастрофи.”
Претседателот на Шпанија се осврна на Европскиот фонд за регионален развој (ФЕДЕР), кој за периодот 2021-2027 има доделен вкупен износ од 226.000 милиони евра, и на Европскиот социјален фонд Плус (ФСЕ+), главниот инструмент наменет за инвестирање во луѓето и поддршка на имплементацијата на европскиот столб на социјални права и располага со буџет од 142.700 милиони евра.
Од своја страна, Европската комисија и понудила на Шпанија повеќе фискален простор за справување со итната ситуација и потсети шпанската влада дека постои можност за прераспределба на средства од кохезивните фондови, како и од планот за обновување и отпорност.
“Што се однесува до поплавите во Шпанија, Комисијата ќе продолжи да дава сета неопходна поддршка на оваа земја во оваа тешка ситуација и, секако, ова влијае и на фискалните правила,” истакна економскиот потпретседател на извршниот орган на заедницата, Валдис Домбровскис.
Летонскиот политичар потсети дека “постојат специфични одредби за справување со итни ситуации”, како оние поврзани со природни катастрофи или сериозни настани кои се надвор од контрола на владата и постои и можност за прераспределба на европските фондови.
“Сервисите на Комисијата веќе се во контакт со шпанските власти за да ги испитаат можностите и потребите,” објасни Домбровскис, кој истакна дека и фискалните алатки можат “да и помогнат на Шпанија да се справи со оваа тешка ситуација.” (5 ноември)