Скопје – Сфатете ги граѓаните, гласачите сериозно, бидете искрени, им порачува на политичките партии и кандидатите на изборите европратеничката и член на Мешовитиот парламентарен комитет Тинеке Штрик во ексклузивно интервју за МИА. Европратеничката нагласува дека уставни измени мора да има пред да почнат преговори за влез во Унијата. Илузија е, додава Штрик, дека тоа нема да се случи.
Во интервјуто таа образложува дека политичарите во земјава треба да бидат искрени со гласачите бидејќи има многу дезинформации, особено за пристапниот процес.
– Никој не е упатен во овие дезинформации, можеби политичарите, но сигурно не граѓаните. Мислам дека тие треба да ја признаат траумата и жртвите што ги направија граѓаните со Преспанскиот договор, а потоа и со Францускиот предлог. Сега треба да се соочат и со фактот дека се потребни уставни промени пред да се влезе во преговори за влез во Унијата. Има политичари кои велат дека не ги прифаќаат уставните измени и дека ќе преговараат повторно или дека ќе го сменат редоследот на барањата. Тие креираат илузија бидејќи тоа нема да се случи. Тоа е опасна илузија бидејќи ќе значи дека многу повеќе време ќе се изгуби и на крај само ќе креираат многу помалку поддршка за Македонците за ЕУ, но исто така ќе ризикуваме да го изгубиме актуелниот моментум на пристапување, рече Штрик.
Сепак, таа нагласува дека треба исто така забрзано да се работи на реформите, особено во делот на владеење на правото односно корупцијата и судството.
Европратеничката Штрик и припаѓа на Групата на Зелени и Европската Слободна Алијанса, и исто така учествува на изборите за нов мандат во Европскиот парламент.
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.