“Францускиот предлог“ неприфатлив за 57 отсто анкетирани граѓани во С.Македонија 

Скопје – Вкупно 57,1 отсто од граѓаните се изјасниле дека се против „францускиот предлог“, што беше предуслов за тргнување на ветото на Бугарија за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, наспроти 27,2 отсто кои истиот го прифаќаат покажува најновото истражување спроведено од фондацијата „Конрад Аденауер“.

Според истражувањето, македонско-бугарските односи се на едно долно рамниште, што може да има негативен одраз и врз квалитетот на елементарна комуникација помеѓу институциите и општествата на двете држави.

За членството на Северна Македонија во ЕУ се изјасниле 63,8 проценти. Овој процент, наведуваат од Фондацијата, иако е сé уште многу висок, видливи се јасни негативни трендови споредено со првите две децении од независноста. Најпозитивни впечатоци испитаниците имаат за квалитетот на меѓусебните односи на Северна Македонија со Турција, со 71,6 отсто, со Србија – 68,6 проценти и со Германија – 64,3 отсто. (19 септември)

Бугарија и Северна Македонија не успеаја да постигнат прифатлива цена за струјата

Софија – Бугарија и Северна Македонија не успеаја да постигнат договор за цената на струјата што бугарските производители треба да ја извезат во Скопје.

На средбата меѓу македонските и бугарските претставници не е постигнат договор за цената и трошоците за транспорт на електрична енергија. Во текот на претстојната недела повторно ќе има состанок на работните групи за втор обид да се постигне договор за снабдување со електрична енергија. На 5 септември премиерите на двете земји Галаб Донев и Димитар Ковачевски се договорија да бидат извезени околу 200 мегават часови електрична енергија од Бугарија во Северна Македонија. (18 септември)

Пендаровски: Скринингот е најважниот политички приоритет за нас

Скопје – Претседателот на македонската држава, Стево Пендаровски, изјави дека во наредните 14 месеци процесот на скрининг на законодавството со ЕУ е апсолутно најважниот политички приоритет за Северна Македонија. Тој се осврна и на потребата за промена на Уставот и внесување на Бугарите во него, како услов за почеток на преговорите со ЕУ.

“Не мислам дека промената на Уставот денес или во месеците кои доаѓаат, треба да биде политички приоритет на Владата. Но, ако Владата која има мнозинство во Парламентот мисли поинаку, не можат да речам не. Мислам дека треба да се посветиме на работите кои додека преговараме и чекавме изминатите две години за некако да ја надминеме бугарската блокада, тука некои работи не одеа на добро, особено во делот на владеење на правото и борбата против високата корупција“, изјави Пендаровски.

Шефот на државата најави дека на 1 октомври ќе отпатува во Софија, на покана на бугарскиот претседател Румен Радев. (16 септември).

Нов закон за медиумска слобода во ЕУ, Северна Македонија мора да се прилагоди

Брисел – Европската Комисија на маса стави низа нови правила за заштита на плурализмот и независноста во медиумите, приватните и државните во ЕУ. Иако овие правила се однесуваат на земјите членки на ЕУ, од земјите кандидати се очекува да ги интегрираат во своите закони и пракси, најави еврокомесарката за транспарентност и вредности на ЕУ, Вера Јурова. Со новото законодавство треба да се стави крај на политичкото и партиското влијание во медиумите за да можат новинарите да работат слободно, а под лупа е и државното рекламирање.

Што се однесува до државните и јавните медиуми, нивното финансирање ќе мора да биде соодветно, стабилно, предвидливо и да обезбеди независност.

Законот ќе биде на маса и за земјите кандидати и земјите кои преговараат, како Северна Македонија, бидејќи тој ќе биде еден од условите во процесот на приклучување.

“Јасно ставивме до знаење дека сметаме дека состојбата со медиумите е важен елемент за проценувањето на квалитетот и одржливоста во земјите кандидати, тоа е во радарот на нашите преговарачи“, изјави Вера Јурова.

Таа додаде дека за претставниците на земјите кандидати како Северна Македонија ова “јасен сигнал“ дека ЕУ цели кон посилна заштита на медиумите, и дека тоа ќе биде предмет на разговори за време на преговорите со ЕУ.

Еврокомесарот за внатрешен пазар на ЕУ, Тиери Бретон, додаде дека кога една земја станува членка на ЕУ мора целосно да се усогласи со правилата на внатрешниот пазар.

“Земјите кандидати ќе мораат да ги исполнат сите аспекти на внатрешниот пазар, да го почитуваат ЕУ законодавство, додавајќи дека Европската Комисија ќе ги има сите алатки за да се осигури дека работите одат во добар правец“, рече Бретон. (16 септември).

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.