Скопјe – Европскиот суд за човекови права во Стразбур вчера ја отфрли како недопуштена, жалбата за поништената аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од 2016 година. Додека за власта оваа одлука е победа на правото и е во полза на државата бидејќи помилувањата немаат законска основа, застапникот на обвинетите и осудените пред ЕСЧП адвокатот Влатко Илиевски, вели оти нема простор за триумфализам на власта, бидејќи, според него, целата работа во Стразбур не е завршена, туку само е одложена. Поранешната судијка во Судот во Стразбур и актуелна судијка во Врховниот суд, Мирјана Лазарова-Трајковска за МИА појасни дека оценката на Судот е дека жалителите не ги искористиле сите редовни и вонредни правни лекови кои им ги нуди националното право, а за кои во претходни пресуди и одлуки судот прифатил дека се ефективни правни лекови.
Со поништената аболиција на Иванов од 2016 година беа помилувани 56 лица осомничени и осудени во повеќе предмети што ги водеше Специјалното јавно обвинителство, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски. ЕСЧП одлучуваше по жалбата поднесена од осуммина граѓани на Република Северна Македонија од 2020 година. (16 февруари)
Во Софија нов состанок на заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања
Скопје – Во Софија треба да се одржи 22. состанок на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Денешниот состанок на мешовитата комисија се одржува во атмосфера на тензии во односите меѓу Скопје и Софија кои кулминираа на 4 февруари.
Ѓоргиев, минатата недела оцени дека последните случувања во македонско-бугарските односи влијаат и на нејзината работа. Вели дека се забележува тенденција односите меѓу Скопје и Софија на одредени периоди циклично да бидат нападнати со цел да се наруши некој краток континуитет од мирен период. (16 февруари)
ЕБОР: Растот на македонскиот БДП годинава 2,0 отсто
Скопје – Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ги ажурираше своите економски прогнози за регионите што ги покрива и проценките за Северна Македонија се дека растот на БДП во 2022 година бил 2,5 отсто, оваа година ќе биде 2,0, а во наредната 3,0 проценти.
Како што соопшти ЕБОР, проценката за макадонскиот БДП за 2022 е намалена за 0,2, а за оваа година за 0,3 отсто во однос на последниот извештај од септември минатата година.
За регионот на Западен Балкан се проценува дека растот на БДП во лани бил 3,0 проценти, годинава ќе биде 2,2, а во 2024 година ќе достигне 3,4 проценти.
Споредено со последниот извештај и оценка на ЕБОР од септември, проценетиот раст на БДП за Западен Балкан за годинава е намален за 0,8 отсто, како резултат на слабата надворешна побарувачка, високата инфлација и построгите услови за финансирање. (17 февруари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.