Брисел – Прогласувањето на Скопје за „Европска престолнина на културата за 2028 година“ претставува голем успех за нашата држава, особено имајќи ги предвид определбите на земјата за полноправно членство во ЕУ, изјави за МИА министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по денешната церемонија на која македонскиот главен град ја доби оваа престижна титула во конкуренција со црногорскиот град Будва.
Одлуката ја соопшти Европската комисија на церемонија во Куќата на европската историја во Брисел, по вчерашната презентација на апликациите на земјите за оваа престижна титула, каде свое обраќање имаше и Костадиновска-Стојчевска.
– Скопје е подготвено да одговори на предизвикот. Скопје како да се создавало низ вековите и за овој предизвик. Под европското и македонското знаме ќе ја подигнеме креативната енергија за таа да се рашири низ целиот континент, нагласи Костадиновска-Стојчевска. (20 септември)
Османи – Бербок: Германијa е наш најгласен поддржувач на европскиот пат
Скопје – Северна Македонија се заблагодарува за поддршката за нејзиниот пристап во ЕУ, изразена преку низа чекори, како т.н. германски предлог, клучната политичка основа за денешниот европски пакет за нашите евроинтеграции, и усвоената Резолуција во Бундестагот, со која се реафирмираат македонскиот идентитет и јазик на патот на нашата земја кон Унијата, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на средба со неговата германска колешка Аналена Бербок на маргините 78. Генерално собрание на ОН во Њујорк.
Ваквиот чекор е уште еден чин на поддршка на пријателска Германија на европската иднина на нашата земја и дополнителна гаранција на идентитетските прашања на Северна Македонија, кои се веќе признати од страна на Европската Унија.
Бујар Османи
Бербок упатила поддршка на евроинтегративниот процес на земјата и признание за постигнатиот напредок во исполнувањето на преговарачката рамка. (20 септември)
Потпишан нов договор за CEEPUS-програмата за академска мобилност со важност до 2032 година
Скопје – Министрите за образование од 16 земји во Европа, меѓу кои и Северна Македонија, денеска во Варшава потпишаа нов договор за продолжување на CEEPUS – Централноевропската програма за размена на универзитетски студии IV, која овозможува мобилност на студенти, професори и научници и стипендирање на нивната доедукација и професионална надградба.
При потпишувањето на новиот договор со важност до 2032 година, министерот Јетон Шаќири изрази задоволство што соработката помеѓу досегашните земји учеснички во програмата продолжува, а тоа, како што рече, „потврдува дека сме големо и обединето семејство кое функционира успешно, обезбедувајќи нови перспективи на човечкиот капитал како основа на севкупниот напредок на регионот“. (20 септември)
Гир: Стратегиите се онолку добри, колку што е нивната имплементација
Скопје – Реформата на јавната администрација има апсолутно централна позиција, како за развојот на земјата, така и за нејзините перспективи за членство во Европската Унија, смета евроамбасадорот Дејвид Гир.
Во обраќање на промоцијата на новата Стратегија за реформа на јавната администрација (2023 – 2030) Гир порача дека „стратегиите се онолку добри, колку што е нивната имплементација“, укажувајќи дека во Собранието „се уште се чека да поминат разни закони кои се однесуваат на највисокиот ешалон на јавната администрација, а се особено важни за компетитивна, професионална и високо квалитетна јавна служба“.
Од капацитетот и професионалноста на јавната администрација, според Гир, зависи како искористувањето на средствата од Унијата, така и развојот на политики и соодветни одговори на клучните предизвици. (20 септември)
ЕКРИ: Северна Македонија напредуваше во справувањето со расизмот и нетолеранцијата, но продолжува дискриминацијата на ЛГБТИ лицата и Ромите
Брисел – Од 2016 година Северна Македонија постигна напредок и разви добри практики во справувањето со расизмот и нетолеранцијата, но сепак некои прашања и натаму се причина за загриженост, особено дискриминацијата на ЛГБТИ лицата и Ромите, се оценува во шестиот извештај на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата.
Документот првенствено се фокусира на ефикасната рамноправност и оставрување на правата, појавите на говор на омраза и насилството мотивирано од омраза, како и на интеграцијата и инклузивноста.
Комисијата одреди две препораки за кои бара приоритетна имплементација – за решавање на проблемот со личните документи на Ромите, кои „немале докази за својот идентитет“ по независноста и за поголема финансиската автономија на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Народниот правобранител. (20 септември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.