Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Атина/Охрид – Основен принцип на меѓународното право е почитувањето на договорите. Грција доследно го поддржува меѓународното право и го почитува Договорот од Преспа како ратификуван меѓународен договор. Истото го бараме и од Северна Македонија, истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во интервјуто за грчкиот весник „Етникос Кирикс“ што се издава во САД, јави дописничката на МИА од Атина.

Герапетритис рече дека „неодамнешните изјави на претседателката и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го поткопуваат Договорот од Преспа, кој без исклучок ги обврзува сите раководства на Северна Македонија“. – Ја истакнавме обврската на Северна Македонија целосно да се усогласи со Договорот од Преспа и уставното име на земјата и на сите меѓународни форуми ја претставивме потребата од негово доследно и добронамерно спроведување, рече шефот на грчката дипломатија.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова од Охрид посочи дека го почитува Преспанскиот договор, како и оти, „за разлика од други“, го почитува меѓународното право. Таа истакна дека начинот како ќе го користи името на државата е „лична определба, право што е загарантирано со повисоки акти од билатералните договори“. Сиљановска Давкова пред медиумите истакна дека преку разговори ќе ги убедува Грците, дека е во право кога го користи името Македонија наместо уставното име на државата. За начинот како тоа ќе го спроведува, рече дека има план.

Новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова полага заклетва во Собранието. (Фото: МИА)

– Планот е градење добрососедски односи. Планот е нудење почит и барање самопочит. И мислам дека како што во политиката треба да се трага по уметноста на можното, ќе го направиме набрзо. Мојата прва изјава беше дека нема да одам по светот, дека сакам да се сретнам со соседите и мислам дека ќе го остварам тоа. Се разбира за разговор се потребни сите околу вас и ние немаме друг избор освен да разговараме. Дијалогот е здрава работа и ако нема взаемна почит нема да има резултат. Политиката бара дијалог и јас сум спремна да трагам по тоа и взаемно да ги надминеме проблемите, истакна Сиљановска Давкова.

По однос предупредувањата од официјална Атина дека не е исклучена можноста од покренување постапка пред Меѓународниот суд во Хаг за непочитувањето на одредбите на Преспанскиот договор, Сиљановска Давкова потсети на претходните пресуди на истиот тој суд што не беа почитувани од Грција.

Сиљановска Давкова при положувањето на Свечената заклетва при стапувањето на должноста Претседател го употреби името Република Македонија наместо уставното име на државата што наиде на реакции кај меѓународната јавност, најмногу во соседна Грција. (2 јуни)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.