ЗАГРЕБ – Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во вторник ќе учествува во Тиват, во Црна Гора, на самитот на Процесот Брдо-Бриони, заедничката хрватско-словенечка иницијатива со која се сака да се подобри соработката меѓу земјите од југоисточна Европа и нивното приближување до ЕУ, што, сепак, оди многу споро.
Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ ќе биде домаќин на состанокот на врвот на иницијативата официјално покрената во 2013 година на која се домаќини и нејзини копретседатели се Милановиќ и словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар.
Ќе учествуваат и челници на останатите земји членки на процесот – Србија, Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, а со некои од нив Милановиќ ќе се сретне и билатерално во понеделник и вторник, објавено е од Пантовчак.
Состанокот во Тиват ќе биде насочен на актуелни прашања заеднички за сите земји од регионот, се вели во најавата на собирот.
Декларацијата усвоена минатата година се занимаваше со прашања за одливот на мозоци од регионот, особено на младите, одржливиот развој и заштитата на животната средина, како и спречувањето на последиците од климатските промени, поточно темите, како што тогаш рекоа Милановиќ и Пирц-Мусар, кои “повеќе нè поврзуваат отколку што нè раздвојуваат”.
Со тоа иницијативата тргна на помирни води откако на самитот во 2022 година не беше усвоена заедничка декларација поради расправата за спомнувањето на конститутивноста на трите народи во БиХ, а годината порано беше прифатен само компромисен текст на завршната изјава поради препирките меѓу косовската претседателка Виоса Османи и Александар Вучиќ.
Земјите од западниот Балкан се во различни степени на приближување до ЕУ.
Србија и Црна Гора водат преговори десетина години, Албанија и Северна Македонија започнаа преговори во 2022 година, а истата година БиХ доби статус на кандидат, додека Косово има статус на потенцијален кандидат. Пет земји на ЕУ Косово сè уште не го признале. (7 октомври 2024)